По три неуспешни обиди, Училишниот одбор на средното училиште „Св. Климент Охридски“ – Охрид, на состанокот што се одржа синоќа ги изврши разговорите со преостанатите кандидати за директор на гимназијата.

На јавниот оглас за избор на директор се пријавија тројца  кандидати: актуелниот директор  и професор по историја, Љубиша Машановиќ, Ѕвонко Трпески-исто така професор по историја и Никола Тренески-професор по географија.


Кој ќе раководи со охридската гимназија?

Врз основа на извршените интевјуа со кандидатите, Училишниот одбор на состанокот што ќе се одржи во петок попладне, ќе одлучи кој од тројцата пријавени на конкурсот ќе биде предложен за директор на гимназијата, изјави за Ohridnews, професорката Марија Попоска-претседател на одборот. Предлогот според законот ќе биде доставен до градоначалникот на општина Охрид, Александар Петрески, кој треба да се изјасни по истиот. Тој има право да го прифати предлогот или да го врати до Училишниот одбор на повторно разгледување. Одборот може истиот кандидат да го предложи по втор пат на градоначалникот, а целокупната  процедура мора да заврши до 24-ти септември. Доколку тоа не се оствари ќе пропадне и овој јавен оглас за избор на директор, а може да се случи гимназијата да добие вршител на должност –в.д. директор.

Ова е втор пат да се спроведува процедура за избор на директор на гимназијата, откако првиот јавен оглас пропадна.

Ohridnews