Кандидатите за претседател на Република Македонија, денеска по гласањето дадоа изјави за нивните очекувања од изборите. Сите беа согласни во тоа дека овие избори мора да бидат фер и демократски и да се почитува веолјата на граѓаните.
Имер Селмани
„Сигурен сум дека ќе победи демократијата во Македонија. Направивме многу за да имаме чесни и демократски избори. Очекувам дека ќе се скршат и меѓуетничките бариери и денеска ќе се гласа за понуда, визија и концепт“, изјави денеска по чинот на гласањето, Имер Селмани, кандидат за претседател од Нова демократија.
Селмани, кој гласаше во основното училиште во селото Шишево додаде дека очекува да победи најдобриот преку чесни и мирни избори.
Мируше Хоџа
Кандидатот за претседател на Република Македонија од ДПА Мируше Хоџа се надева дека изборите ќе поминат во фер и демократска атмосфера.
– Да се потрудиме сите изборите да поминат во фер и демократска атмосфера, рече Хоџа.
Нано Ружин
– Гласав за Република Македонија, изјави претседателскиот кандидат од ЛДП Нано Ружин, откако го оствари своето право на глас.
Тој побара Македонија да биде силна и сложна и да стане членка на Европската унија и НАТО. Претседателскиот кандидат на ЛДП посочи оти очекува учество и во вториот изборен круг и победа.
Ѓорге Иванов
Претседателскиот кандидат на Коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов денеска откако го оствари своето избирачко порача изборите да бидат фер, зашто, како што рече, од нив зависи европската иднина на Македонија.
„Со едно одговорно однесување на сите нас ќе придонесеме да се отворат тие европски перспективи за Македонија и да го исполниме она што се очекува од нас“, изјави Иванов.
Љубе Бошковски
Кандидатот за претседател на Република Македонија Љубе Бошкоски смета дека ќе победи демократскиот капацитет на државата.
– Според сите домашни аналитичари и експерти и според меѓународната јавност, посебно ЕУ, денеска е многу важен ден за Македонија, испит за македонската демократија. Убеден сум дека ќе го положиме овој испит. Ќе ја исполниме нашата обврска и се надевам дека ќе победи демократскиот капацитет на нашата држава и оти овие избори ќе бидат демократски и фер, изјави Бошкоски по гласањето.
Агрон Буџаку
Кандидатот за претседател Агрон Буџаку гласаше во Дебар. Тој изрази задоволство што изборниот процес поминува без никаков инцидент.
– Задоволен сум од информациите што ги имам до сега дека се поминува во ред, без никаков инцидент и се надевам дека така ќе биде до крајот, изјави кандидатот за претседател Буџаку.
Љубомир Фрчкоски
Кандидат за претседател од СДСМ, Љубомир Фрчкоски го оствари правото на глас во Средното училиште „Васил Антевски Дрен“ во скопската општина Кисела Вода.
„Имаме јасни различни концепции на овие избори како Македонија ќе се движи во иднина и мислам дека граѓаните ќе изберат тоа што сметаат дека е добро за нив“, изјави Фрчкоски.