Кандидатите за градоначалник на општина Охрид, уште во претпладневните часови го исполнаа своето право на глас. По гласањето изразија надеж дека гласањето ќе помине во најдобар ред и дека изборот на прв човек на општината ќе се изврши во фер и демократска атмосфера.

  • Кампањата помина доста културно, пративме една порака до луѓето како треба на достојанствен начин да поминат едни избори. Се надевам дека граѓаните гордо ќе гласаат, онака како што им сака душата, да бидат свои. Без разлика кој ќе биде градоначалник, се надевам дека сите научивме нешто еден од друг, дека ќе дојдат некои нови времиња, дека ќе мора поинаку да се размислува за Охрид и ништо повеќе. Ако размислуваме само за Охрид, ќе ја направиме и Македонија како што треба, изјави кандидатот за градоначалник од ГДУ, Михаил Трендафилов Нанче.
  • Воопшто не се сомневам дека охриѓани на еден јасен, демократски, достоинствен и чесен начин ќе се изјаснат во каква држава и град сакаат да живеат. Ве уверувам дека нашата политичка партија и партиите кои не поддржуваат ќе го задржат нивото на кампањата која ја водевме и на овој изборен ден и дека изборите ќе поминат во мирна и достоинствена атмосфера. Ги повикувам граѓаните да излезат и го искористат своето граѓанско право и го дадат својот глас за кандидатот на кој најмногу му веруваат и им оставил најдобар впечаток во кампањата, рече по гласањето кандидатот за градоначалник од СДСМ, Константин Георгиески.
  • Очекувам мирен, чесен, достоинствен и европски изборен ден. Се надевам дека овие избори за претседател и градоначалник ќе поминат беспрекорно, онака како што заслужуваме ние кандидатите и граѓаните, рече кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ, Митре Милошевски.

Своите очекувања од изборниот процес по остварувањето на гласачкото право ги искажа и кандидатот за градоначалник од „Демократи“, Стевче Стевоски.

  • Сметам дека изборите поминаа во најдобар ред и се надевам дека така ќе биде и во иднина. Во однос на резултатите, реално е човек да очекува да стигне до вториот круг, но граѓаните ќе си го кажат своето, изјави Стевоски.

Кандидатот за градоначалник од движењето „Беса“, Џемал Мена очекува висок процент на излезност во општина Охрид.

  • Очекувам голема излезност од граѓаните, фер и демократски избори. Кој ќе победи, да работи многу подобро за градот, рече Мена.

Точно во 19 часот беа затворени сите 88 гласачки места во општина Охрид.

OhridNews