Граѓаните на Охрид денес гласаа за нов градоначалник и претседател на државата. Од 7 часот утрово на гласачките мест апостојано пристигнуваа гласачи кои го исполнаа своето граѓанско право, а интензитетот беше најглем по 17 часот.
Кандидатите за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ и СДСМ, Митре Милошевски и Константин Георгиески гласаа уште во утринските часови по што се упатија кон изборните штабови каде вечерва ги очекуваат резултатите од гласањето. Уверени се дека до крајот на денот нема да има никакви неправилности и дека се ќе помине во демократска и мирна атмосфера.
- Посакувам мирен изборен ден, без никакви нерегуларности, мислам дека тоа земјата го заслужува. Направив максимално што можам како кандидат во текот на кампањата за да не го изневерам сопствениот народ, да му дадам волја, поттик за понатаму. Ветувам и кажувам дека се што е напишано во предизборната кампања и програма и тоа што го зборував, ќе сторам се во рамки на можностите и условите и состојбата во локалната самоуправа, да го исполнам, изјави по гласањето кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ, Митре Милошевски.
- После пет недели напорна кампања конечно дојде 5 мај, се надевам дека денот ќе помине во мирна демократска и достоинствена атмосфера, граѓаните ќе излезат на гласачките места, ќе гласаат и ќе го изразат своето мислење кој да биде татко на нацијата и градот. Ги повикувам во што поголем број да излезат и гласаат, со ведри и насмеани лица да го исполнат своето граѓанско право, и должност и придонесат за иднината на Охрид и државата. Ветувавме пет недели, денес е ден за избор, а од утре ден за работа, рече кандидатот од СДСМ, Константин Георгиески.
Во општина Охрид се гласаше на 88 гласачки места.
OhridNews