Состојбата во ЈП „Охридски Комуналец“, каде дел од вработените протестираат заради неисплатените плати од претходните два месеци, е сериозна, но таа не смее да се политизира или употребува во изборната кампања, рекоа дел од кандидатите за градоначалник на Охрид на средбата што денеска се одржа на иницијатива на  в.д. директорот на јавното комунално претпријатие, Боро Павлоски.

Павлоски по средбата информираше дека и покрај тешката состојба, вработените денеска започнале да го подигаат сметот од преполнитеконтејнери. Тој рече дека ги информирал кандидатите за градоначалник за сосојбите во Комуналец до кои апелирал да не се политизира случајот.


Во последно време се шират одредени шпекулации за одредени политички притисоци кон врабоптените во „Комуналец“ и затоа ја свикав оваа средба да замолам да не се политизира состојбата, затоа што јавното претпријатие е на сите граѓани и од сите политички партии, и не треба преку него да има никакви политички пресметки, рече Павлоски.


Тој кажа дека во текот на денешниот работен ден се очекува да стигне решението од второстепениот суд во Битола по жалбата на јавното комунално претпријатие за одредениот судски лимит кој го оневозможува нормалното финансиско работење на претпријатието, и доколку тоа биде позитивно, платата ќе биде завршена уште во текот на денот. 

На средбата се одзваа кандидатите за градоначалник Александар Петрески, Томе Гиноски и Васфи Доко.

Гиноски изрази сомнеж во вмешаност на политиката во случајот, на што алудираше и Петрески, кој потенцираше дека сегашната лоша состојба во „Комуналец“ е последица на стари долгови кои биле направени од раководствата уште пред тој да стане директор на јавното претпријатие.


Васфи Доко по средбата укажа на значењето на јавното комунално претпријатие како сервис на сите граѓани кој треба непречено да функционира.

Од ЈП „Охридски Комуналец“ денеска со соопштение ги демантираа, како што се вели, одредени неточни информации пласирани во медиумите дека вработените не зеле плата од декември. Во соопштението се нагласува дека платата за декември е исплатена на 02.02.3009, додека доцнат платите за јануари и февруари.

Ohridnews