Кандидатите за градоначалник на општина Охрид, уште во утринските часови го исполнаа своето право на глас. Придружени од своите најблиски се упатија кон избирачките места, а по гласањето изразија надеж дека денот ќе заврши без проблеми и изборот на прв човек на општината ќе се изврши во фер и демократска атмосфера.

Граѓаните да го дадат својот глас за кандидатот што знае и умее во наредниот период да донесе просперитет и развој за градот. Ние направивме се што можеме во текот на изборната кампања, се надевам дека граѓаните ќе го направат вистинскиот избор, изјави кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, Митко Тилевски.

Очекувам како што и започна гласањето да заврши фер и демократски, во согласност со кодексот кој го потпишавме. Многу е важно за нашата земја да покажеме дека имаме демократски интегритет и дека како народ можеме да бидеме исправени на патиштата кон Европа и НАТО. Посакувам наредните четири години заедно да го градиме Охрид и заедно да одиме напред и да издржиме кон се она што сме го замислиле, рече кандидатот за градоначалник од СДСМ и коалицијата, Јован Стојаноски.

Сметам дека изборниот ден ќе заврши во фер и демократска атмосфера, без поголеми нарушувања на изборниот процес и нарушување на јавниот ред и мир. Граѓаните ќе го дадат својот глас за оној кандидат кој нуди развој на Охрид, кој ќе се обиде да ја спречи корупцијата и криминалот во општинската администрација и дека ќе се побара одговорност за досегашното незаконско работење во општина Охрид, вели независниот кандидат за градоначалник, Стевчо Стевовски.

Своите очекувања од изборниот процес по остварувањето на гласачкото право ги искажа и носителот на кандидатската листа за советници од ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков.

Очекувам изборниот ден да помине како и кампањата во фер и демократски услови и истата атмосфера да биде во текот на целиот ден и секој граѓанин достоинствено  да го даде својот глас за оној кој мисли. Вечерва ќе ги видиме резултатите, изјави Пецаков.

Сеуште актуелниот градоначалник на општина Охрид, Никола Бакрачески, изрази надеж дека денес ќе се слави уште еден празник на демократијата во Република Македонија, бидејќи се гласа на слободни, фер и демократски избори.

Не се сомневам дека граѓаните на Охрид и на Македонија масовно ќе излезат на гласање, ќе го остварат своето демократско право на избор и ќе го дадат гласот за најдобрите. Денот очекувам да помине во една мирна, фер и демократска атмосфера, со запазување на сите принципи, стандарди и регулативи кои произлегуват од изборниот законик и од веќе етаблираните стандарди во Република Македонија. Се надевам дека граѓаните ќе излезат масовно, за да ја потврдат својата изборна волја и да ги одберат најдобрите. Ќе бидам најсреќен доколку мојот наследник и новиот состав на Локалната самоуправа бидат многу поуспешни од она што ние го реализиравме. Секој нареден градоначалник да биде поуспешен од претходникот. Тоа ќе биде една потврда за прогрес и просперитет на градот Охрид, а секако и на граѓаните коишто живеат во градот. Се надевам и верувам дека ќе биде така, рече Бакрачески.

Точно во 19 часот беа затворени сите гласачки места. Наскоро се очекуваат и првичните неофицијални резултати од гласањето, кои како и секогаш доаѓаат од изборните штабови на кандидатите за градоначалник.

OhridNews