По иницијатива на Општинската изборна комисија, денес, кандидатите за градоначалник на општина Охрид потпишаа Кодекс за фер и демократски избори. Свој потпис на Кодексот ставија: кандидатот на партијата Демократи, Стевче Стевоски, Михаил Трендафилов-Нанче од ГДУ, Митре Милошески од ВМРО ДПМНЕ, Џемаил Мена од БЕСА и Константин Георгиески од СДСМ.

Според кандидатот за градоначалник, Стевче Стевоски, Кодексот за фер избори претставува една писмена гаранција дека кандидатите ќе бидат фер и коректни, меѓусебно, но и кон граѓаните на Охрид.

  • Потпишувањето на овој кодекс треба да претставува крај на едно однесување и владеење во досегашните 28 години. Треба да престанеме да ги лажиме граѓаните дека се однесуваме фер и коректно кон нив. Ова да биде последно потпишување, а во иднина да имаме доверба кон државата и државата кон нас, бидејќи таа доверба е изгубена, рече Стевоски.

За кандидатот од ГДУ, потпишувањето на кодексот претставува само фарса.

  • Во една земја во која постои устав и закони нема потреба да потпишуваме кодекс за фер избори. Ако некој ги прекрши фер изборите, треба согласно законот да одговара. Коректните работи ќе се видат. Некоректните треба да се санкционираат. Ние зборуваме цело време за демократија, но изгледа демократијата е заборавена. Демон-кратија. Не очекувам фер избори, како можат да се фер кога за едни се дозволуваат милиони да се трошат за избори, за некого цел половина билборд. Малите не можат да се истакнат, што значи малите се санкционирани. Според мене многу работи ќе треба да се менат. Ако е вака, малите никогаш не ќе можат да дојдат на сцена, без финансиска помош, колку и да се добри, рече Трендафилов-Нанче.

Кандидатот за градоначалник од ВМРО ДПМНЕ, Митре Милошески, уверен е дека сите кандидати ќе се однесуваат фер во текот на кампањата и изборите.

  • Одговорноста за фер и демократски избори е на владата која треба да обезбеди фер и достоинствени услови и на терен сите еднакво да се натпреваруваме. Изборите се многу важни, затоа што едни фер и демократски избори ќе не искачат уште едно скалило погоре до европското семејство, затоа ние мора да докажеме дека сме коректни луѓе и фер учесници во кампањата. За себе ќе кажам дека на овие избори, од моја уста нема да излезе лош збор, низ моите раце нема да поминат пари, многу чесно ќе ја водам кампањата со моите сограѓани. Единствен браник за чесни избори е народот, штом излезат во поголем број тогаш изборите ќе бидат почесни, истакна Милошески.

Кандидатот од БЕСА, Џемаил Мена очекува на 21 април изборите да се фер и демократски, а на сите учесници им посака успех во трката за градоначалничката фотелја.

За кандидатот за градоначалник од СДСМ, Константин Георгиески, потпишувањето на кодексот ја збогатува демократијата и демократското почитување меѓу самите кандидати.

  • Ние ќе треба тоа и во пракса да го докажеме и покажеме во текот на 20-те дена кампања и на самиот ден од изборите. Јас се обврзувам и гарантирам дека се ќе сторам овие избори да се фер и демократски. Впрочем, пред само година и половина бев во кампања, таа помина во одлична атмосфера со високо ниво на взаемно почитување и затоа сакам да им оддадам признание на тогашните кандидати. Одговорноста за една фер и демократска кампања и избори е на сите учесници во демократскиот процес и ги охрабрувам, се надевам и сум уверен дека оваа кампања ќе помине како и онаа од пред година и половина, на едно високо и достоинствено ниво, изјави Георгиески.

Локалните избори ќе се одржат на 21 април, заедно со претседателските. По само година и половина од минатите локални избори, во Охрид повторно ќе се гласа за прв човек на општината поради ненадејната смрт на градоначалникот Јован Стојаноски.

OhridNews