Кандидатите за градоначалник на Охрид, денеска по гласањето, дадоа куса оценка за текот на изборите во општината. Воглавно тие ги оценуваат изборите како фер и демократски, но дел од нив имаат и забелешки за кои ги известиле одговорните институции.


Васфи Доко

„Генерално, немаше некои поголеми инциденти кои би можеле да го загрозат изборниот процес во општина Охрид, со исклучок на одредени политички партии кои со автомобили ги носеа граѓаните на гласање“, изјави за Охридњуз, кандидатот за градоначалник од Нова демократија, Васфи Доко.


Боро Павлоски


„Се надевам дека охриѓани сигурно ќе го изберат новиот претседател на Република Македонија и новата локална власт по сопствено убедување. Овие избори се од особена важност, зашто Охрид во наредниве 4 години мора да биде пријатно место за живеење, но и заради сликата за нас кај надворешните фактори“,
изјави кандидатот за градоначалник на Охрид од ЛДП, Боро Павлоски.

Според Павлоски, овој пат неопходно е да ја покажеме нашата демократска култура не само декларативно, туку и на дело.


Кирил Трендафилов – Нанче

Кандидатот за градоначалник на Охрид од ВМРО ДПМНЕ, Кирил Трендафилов – Нанче, изрази очекувње дека изборите да поминат мирно и достоинствено.

„Граѓаните покажуваат голем интерес и мислам дека ќе имаме успешни избори, кои ќе отворат некои нови перспективи и за Македонија, затоа што овие избори се еден од предусловите за нашата кандидатура за ЕУ. Мислам дека свеста кај сите граѓани е на високо ниво и тие ќе излезат да ја остварат својата должност и на еден достоинствен начин ќе ги завршиме изборите вечер, па кому граѓаните ќе му дадат доверба ќе има можност да прослави, се надевам дека тоа ќе бидам јас“, рече Трендафилов.


Томе Гиноски

„Очекувам на овие избори пријатно изненадување за мене и за ВМРО НП. Исто така очекувам влез во вториот круг“, изјави кандидатот на ВМРО НП, Томе Гиноски по гласањето.

 Тој додаде дека овие избори се исклучително важни за градот Охрид.


Александар Петрески


„Посакувам денес да победи Охрид, посакувам денес да победи Македонија. Посакувам, барем денес да заличиме на развиена демократска цивилизација, каде што се почитуваат основните универзални изборни демократски принципи. Јас верувам во охриѓани и верувам дека денес, на избирачките места, гордо и достоинствено ќе ја изразат својата слободна воља. Посакувам денес за сите нас да биде вистински празник на демократијата“
, изјави по гласањето кандидатот за втор градоначалнички мандат, Александар Петрески од СДСМ.

На новинарско прашање што мисли за регуларноста на изборниот процес, Петрески изјави: „Неколкуте наши сериозни забелешки, за непочитување на изборниот молк и за кршењена демократските и фер правила на игра од страна на одредени политички партии во Охрид, ги доставивме до сите релевантни домашни и меѓународни институции во државата, кои се задолжени за водење и пратење на регуларноста на изборниот процес“, додаде Петрески


Ацо Попоски

„Моите очекувања во прв ред се изборите да бидат фер и коректни. На Охрид му се потребни европски избори, тоа е основно, а кој ќе победи нека му е со среќа, а јас се надевам дека ќе бидам еден од тие“, изјави непосредно по гласањето, кандидатот за градоначалник на Охрид од НСДП, Ацо Попоски.

Тој рече дека Охрид покажал дека знае да организира добра кампања, а тоа го покажеле сите кандидати.

OHRIDNEWS