Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска ќе оствари средба со истакнатиот мексикански поет, романсиер, преведувач и критичар Хосе Емилио Пачеко, годинашен лауреат на „Струшките вечери на поезијата“,чие 52 издание започнува во четврток.

Хосе Емилио Пачеко е роден во Мексико Сити во 1939 година. Се школувал во родниот град, а подоцна предавал книжевност на многу универзитети во Јужна Америка, САД и во Канада. Член е на Мексиканската академија на јазиците. Пачеко зад себе има петдецениско творештво кое го издигнува во височините, не само на мексиканската литература на која ѝ припаѓаат Борхес и Октавио Паз, туку  и во целокупната хиспаноамериканска, а и светска литература. За своето исклучително поетско творештво многукратно е наградуван, а е лауреат и на големата награда „Сервантес“, која се доделува за исклучителни достигнувања во литературата пишувана на шпански јазик.

Во изминатите пет децении преку 5000 поети, есеисти и критичари ја посетија светската поетска престолнина Струга и Република Македонија и го презентираа своето творештво, а 47 поетски лауреати на 20-от и на 21-от век се здобија со Златниот венец на поезијата, наградата која стана најпривлечен и најпосакуван книжевен симбол на еден поет.

OhridNews