Селекторот на македонската фудбалска репрезентација до 21 година, Драган Канатларовски, денес го објави списокот со повикани играчи за натпреварите со Фарски Острови на 7 октомври во Клаксвик и на 12 октомври против Ерменија во Ереван. Двата дуела се од квалификациските за пласман на Европското првенство 2023 година.

За овие два квалификациски натпревари едноставно сме принудени да правиме промени во тимот. Се соочуваме со проблеми бидејќи отсуствуваат неколкумина стандардни фудбалери. Метју Божиновски и Стефан Чолаковски поради задолжителниот карантин во Австралија не се во можност да патуваат. Агон Елези поради повреда на коленото ќе биде надвор од тренажен процес во периодот што следува, а исто така поради повреда неизвесен е настапот, посебно за првиот натпревар на Енис Фазлагиќ“, вели Канатларовски.

Додава дека отсуството на четворица стандардни првотимци реално е проблем, но мора да се соочат со ситуацијата.

Одиме на победа на двата натпревари. Извлековме многу позитивни работи од дуелите со фаворитите во групата, Франција и Србија и се надевам дека резултатски ќе минеме многу подобро на октомвриските мечеви. Фарски Oстрови со нерешениот резултат против Франција потврди дека е сериозна селекција, играат тимски, со многу борба и трчање во текот на сите 90. минути, но верувам дека ние ќе бидеме на максимално ниво и од нас ќе зависи победата на мечот, додава Канатларовски.

На списокот на Канатларовски се најдоа:

Голмани: Давид Денковски (Брегалница 2008), Марко Алчевски (Академија Пандев), Дамјан Серафимив (Кадино);

Одбрана: Филип Антовски (Австрија Виена, Австрија), Блертон Шеји (Шкупи), Бесир Исени (Струга Трим Љум), Марио Младеновски (Македонија Ѓ.П.), Александар Ѓурковски (Тиквеш 1930), Адриан Хајдари (Рапид Виена, Австрија), Ѓорѓе Јанкулов (Борец), Јован Манев (Брегалница);

Среден ред: Бесник Ферати (Академија Пандев), Енис Фазлагиќ (Жилина, Словачка), Али Адем (Шкупи), Томче Гроздановски (Дуго Поље, Хрватска), Амел Рустемоски (Вил, Швајцарија), Лука Станковски (Работнички), Арби Воша (Македонија Ѓ.П.), Емир Скендери (Струга Трим Љум), Методи Максимов (Работнички), Лука Трајковски (Борец);

Напад: Давид Тошевски (Горник, Полска) Марко Ѓорѓиевски (Шкупи), Марио Илиевски (Септември Софија, Бугарија).

Македонија до 21 година на воведните два натпревари од тековните квалификации освои бод против Србија на домашен терен, а загуби од фаворитот во групата Франција на отворањето од циклусот квалификации за ЕП 2023.

 

OhridNews