Репрезентацијата на Македонија до 21 година ги продолжува квалификациите за пласман на Европското првенство 2023 година.

Селекторот на Македонската репрезентација до 21 година, Драги Канатларовски го соопшти списокот на фудбалери за квалификациските натпревари против Украина и Франција на домашен терен.

Канатларовски истакна дека е задоволен од освоените четири бода од последните квалификациски натпревари, особено мечот против Ерменија во Ереван каде што одигравме многу квалитетно и успеавме да издвојуваме победа на многу тежок терен.

Сакаме да ја пренесеме таа позитивна атмосфера и на претстојните натпревари против Украина и Франција. Не очекуваат два извонредно тешки натпревари против силни и квалитетни селекции. Фокусот е на дуелот со Украина, мислам дека шансата за освојување на три бода треба да ја бараме на овој натпревар. Франција е апсолутен фаворит во групата. Треба да покажеме пред сѐ квалитет и храбра игра на двата меча. Ќе дадеме се од себе да се претставиме во добро светло пред домашната публика, истакна Канатларовски.

Од натпреварите ќе отсуствуваат неколкумина стандардни фудбалери во тимот. Стефан Чолаковски и Метју Божиновски се многу важни за оваа селекција, но за жал и на овие натпревари не добија дозвола од нивните клубови поради Ковид-19 рестрикции во Австралија. Агон Елези, поради повреда нема да биде во можност да конкурира за настап, а под знак прашалник е настапот на фудбалерот на Работнички Лука Станковски поради повреда на стапало.

Дополнителен проблем за нас претставува и фактот што голем дел од репрезентативците, посебно од домашниот шампионат, немаа голема минутажа во клубовите. Но, тоа е предизвик со кои се соочуваме веќе извесен период. Сепак, гледаме позитивно и веруваме во наши добри натпревари, додаде Канатлароски.

Селекторот на младата репрезентација на Македонија, Драги Канатларовски за двете домашни пресметки ќе смета на следните фудбалери:

Голмани: Давид Денковски (Брегалница), Марко Алчевски (Академија Пандев), Дамјан Серафимов (Кадино);

Одбрана: Филип Антовски (Австрија Виена, Австрија), Блертон Шеји (Шкупи), Славе Маркоски (Охрид), Марио Младеновски (Македонија Ѓ.П.), Адриан Хајдари (Рапид Виена, Австрија), Стефан Наумчевски (Тиквеш), Јован Манев (Брегалница);

Среден ред: Иван Николов (Вардар), Димитар Тодоровски (Работнички), Енис Фазлагиќ (Жилина, Словенија), Али Адем (Шкупи), Томче Гроздановски (Дугопоље, Хрватска), Амел Рустемоски (Вил, Швајцарија), Лука Станковски (Работнички), Арби Воша (Македонија Ѓ.П.), Методи Максимов (Работнички), Флорент Рамадани (Шкендија);

Напад: Марко Ѓорѓиевски (Шкупи), Емир Скендери (Струга), Марио Илиевски (Септември Софија, Бугарија).

 

OhridNews