Околината на каналот Студенчишта пред повеќе од шест години доби нов, модерен и убав лик со патеки за шетање и рекреација, одморалишта. Сепак и натаму остана проблемот со руинираните пловни објекти оставени на забот на времето.

Стари бродови и други пловни објекти скапуваат со години во каналот а во водата можат да се забележат и потонати кајчиња. Така е веќе подолг период.

Каналот Студенчишта често се користи и како „бродоградилиште“. Тука се прават и поправаат пловни објекти, се стружат и бојадисуваат, се танкира гориво. За жал, често на површанита на водата можат да се забележат дамки од моторни масла или гориво.

Каналот Студенчишта во кој се вливаат Билјанините извори е природно живеалиште на бројни видови флора и фауна. Тоа е и едно од омилените места за риболов на охриѓани кои се надеваат дека еднаш конечно ќе се создаде потребниот ред во каналот Студенчишта и ова место ќе се уреди така како што му доликува.

Г.М.