Билјанинините и изворите на Свети Наум се строго заштитена зона, но наместо тоа секојдневно сме сведоци на нарушување на автентичниот амбиент со поставување урбана опрема, времени угостителски објекти без санитарни јазли и узурпација на зелените површини. Билјанини извори, односно каналот Студенчишта, денес, претставува депонија за пловни објекти, а некои од нив и со децении лежат на дното од каналот. Наместо да се заштити, каналот сега служи како марина за бесните глисери на македонскиот џет сет чиј продорен звук ги брка рибите од нивното природно мрестилиште. Бучавата ги вознемирува и птиците кои се поретко се гнездат во Студенчишкото блато,  а моќните машини ја уништуваат и езерската флора, укажуваат екологистите.

Исто така во каналот се поправаат и градат бродови кои тука се заваруваат, но и пескарат, а штетните хемикалии ја загадуваат животната средина. Сето ова, за жал, се случува пред очите на научните работници од Хидробиолошкиот институт, од каде освен повремени индивидуални реакции, засега официјално  молчат за уништувањето на просторот околу Билјанини извори и каналот  Студенчишта.

Молчат и централната и локалната власт, кои меѓусебно си ја префрлаат одговорноста за жешките еколошки теми. Не се согласуваат и околу изградбата на долго најавуваната марина. Едните ќе ја градеа на пристаниште, другите кај Грашница, а се најавуваше и мини сервис за пловни објекти со мала бензинска пумпа и кај каналот Студенчишта. Од сето тоа ништо. Затоа пак заеднички мижат пред  фактот дека на крајбрежјето постојат повеќе приватни паркиралишта за пловни објекти од што некој дебело профитира.

Најжестоки критичари на состојбите во каналот Студенчишта се спортските риболовци, рекреативците и вљубениците во природата кои секојдневно се сведоци на еколошкото загадување. Тие со години бараат да се забрани поправка,  изградба како и паркирање на пловни објекти во каналот. Предупредуваат и на излевањето на гориво како и на други еколошки инциденти кои предизвикуваат сериозни промени во животната средина. Понудија и идеја. Според нив  каналот треба да се продлабочи, да се дислоцираат армијата и полицијата и на крајбрежниот дел да му се дадат нови содржини, со што овој сега уништен простор би станал нова туристичка дестинација. Предлагаат каналот да добие кеј, а во него да пловат неколку копии од стари охридски чунови кои ќе ги превезуваат туристите. Можеби идејата на спортските риболовци не е најдобрата, но таа е многу блиску до тоа што навистина треба да претставува овој простор, слободна рекреативна зона со туристички содржини, без бродови во кои престојуваат бездомници и старо железо кое  скапува на дното од каналот кој од ден на ден ја губи битката со најголемиот непријател – човекот.

Г. Момироски