„Не замижувај и ти можеш да ја спречиш корупцијата – биди дел од прогресот на твојата држава. Корупцијата е двонасочна – и давање и примање мито е криминал“, е главната порака која сакаме да допре до секој граѓанин преку кампањата „Стоп за корупција“, велат од Царинска управа.

Во рамки на кампањата „Стоп за корупција“ до 25ти април на граничните премини и царинските испостави ќе се делат брошури преку коишто јавноста ќе може да се информира за начините за пријавување корупција, како и за штетните последици што ги предизвикува истата. Ги повикуваме сите граѓани кои ќе бидат сведоци на корупција истото да го пријават на отворената телефонска линија 197 на Царинската управа, посочуваат.

Корупцијата, велат, ја поткопува националната безбедност и доведува до даночни загуби, при што како Царинска управа преземаат сеопфатен пристап се со цел целосно сузбивање на корупцијата.

Детектирани се ризични точки по кои делуваме преку зголемени контроли, но и спроведување на брзи и ефикасни истраги. Во текот на изминатите денови кампањата беше спроведена на граничните премини и царинските испостави Аеродром Св. Апостол Павле Охрид, Меџитлија, Прилеп, Богородица, Гевгелија, Дојран, Блато, Струга, Ќафасан, додаваат.

OhridNews