„Младите се способни да преземаат одговорност за сопствениот живот и да решаваат за сите прашања кои ги засегаат, на сите нивоа. Развојот и јакнењето на цивилното општество, волонтерските и општествените здруженија се неопходен чекор во промоција на одговорно граѓанство“.


Зајакнување на позицијата на младите во општеството

Ова е само извадок од Националната стратегија за млади околу која низ Републикава се води Кампања за нејзино имплементирање. На денешната средба одржана во големата сала на општината Охрид, претставници од Коалицијата СЕГА и Агенцијата за Млади и Спорт кои се промотори на кампањата, ги истакнаа целите на своето задничко делување и основните принципи на мисијата.

„Преку оваа кампања, која има 4 главни канцеларии (Скопје, Тетово, Штип и Охрид) создаваме критична маса на млади луѓе кои би ги „терале“ локалните самоуправи да издвојуваат повеќе средстава за одржливи проекти наменети за младите“ рече Трајче Костов, советник за младинска политика при Агенцијата за млади и спорт.

„Кампањата носи име `Младите СЕГА!` за да ги потсети сите засегнати страни (посебно младите) дека Националната стратегија за Млади не само документ, туку е изјава на добра волја и интерес на институциите на власта за подобар живот на младите“ истакна меѓу другото Зоран Илиевски (слика горе), извршен директор на Коалицијата СЕГА.

Кампањата која доби отворена поддршка и од градоначалникот на Охрид ќе ги насочи активностите на отворање канцеларии за соработка во повеќе средни училишта низ Македонија, за создавање чувство дека и на младите (средношколците посебно, како прилично осетлива категорија) некој мисли, односно зголемување на институционалното учество на младите.

С.К.