Здружението за мултикултурна интеграција “Инклузија” од Охрид, вчера, организираше инфо ден, во рамки на националната кампања “365 работнички права на младите”. Организаторите велат дека меѓу младите средношколци и студенти во градов, владее голем интерес за детално запознавање со нивните права при остварување работен однос, по завршувањето на основното, средното и високото образование.

Спроведувањето на оваа кампања е од исклучително значење, со оглед на податоците дека дури 53.000 млади луѓе во Македонија воопшто не се евидентирани во системите за вработување, не се активни баратели на работа, а многумина од нив работат и во несоодветни услови и се потполно обесхрабрени и невидливи за системот, истакнуваат од Здружение за мултикултурна интеграција “Инклузија”, Охрид.

Секое второ лице работи неформално, како никогаш  да не работело, а секој 6-ти од 10 млади луѓе, не е информиран за своите работнички права. Според статистиката, дури 80% од младите луѓе, откако ќе завршат високо образование, на вработување чекаат повеќе од една година. Кај високо образованите кадри просекот е околу 12 месеци, а додека пак кај оние со средно образование 32 месеци. Кај оние кои имаат само основно образование, се чека дури и до 62 месеци.

-Препораките одат во насока дека секој млад човек кој стапува во работен однос мора добро да го прочита договорот за вработување, пред да го потпише и активно да придонесува кон негово целосно и соодветно почитување и исполнување, посочуваат од „Инклузија“.

Кампањата ја спроведуваат младинските информативни и советодавни центри ИНФО СЕГА од Прилеп и Кавадарци, во соработка со порталот fakulteti.mk и конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија. Оваа кампања вклучува серија активности, во текот на целата 2018 година, од типот на едукативни работилници, квизови, итн.

Во наредниот период, дел од овие активности ќе бидат спроведени и во средношколските центри, како и во факултетите во општината Охрид.

OhridNews