Камерното дуо Љубиша Кировски и Маја Шутевска-Кировска е оформено во 1993 година. Од основањето до денес дуото има реализирано бројни настапи надвор од Македонија Хрватска, Србија, Полска, Италија, Швајцарија, Турската Република Северен Кипар и во Македонија, настапувајќи секоја година со премиерна програма во Салонот 19,19. Во 1997 дуото специјализира на Европската Моцартова Академија во Варшава кај еминентни професори: Г. Такач, И. Роман, Г. Жислин, Г. Самољотов. Кај професорите Павел Гилилов и Пјер Амојал на летната академија во Лозана, се усовршувале за изведба на сонати за виолина и пијано, каде биле избрани меѓу трите најдобри дуа.
Во 1998 биле добитници на специјалната награда на Ц.Е.И (Централно-Европската Иницијатива) на Меѓународниот натпревар за камерна музика Трио ди Триесте, Италија, кој воедно е и најголем натпревар за состави од ваков вид во светот. Репертоарот на дуото опфаќа дела од барокот до музиката на 20-от век со над 50 сонати за виолина и пијано. Дуото посебно го негува македонското музичко творештво, редовно изведувајќи дела од македонски композитори. Во 1999 го имаат снимено својот прв компакт диск во живо од фестивалот Охридско лето. Во 2004 година ја добиваат наградата „Златна Лира“ за врвни уметнички достигнувања во 2003 година, која ја доделува Сојузот на Музичките Уметници на Македонија. Во 2005 година го снимаат својот втор компакт диск во живо на фестивалот „Есенски Музички Свечености“. Третиот, троен компакт диск излегува во 2009 година и содржи три концерти снимени во живо, од кои едниот е со дела од македонски композитори.