Апелациониот суд не му ја прифати жалбата на адвокатот на бизнисменот Орце Камчев да излезе од куќен притвор по вчерашната јавна седница, потврдија од Апелaциски суд за „Макфакс“. Тоа значи дека апелационите судии не го почитувале начелното правно мислење на Врховниот суд дека истрагата „Империја”, во која е осомничен Камчев, е отворена надвор од рокот.

Жалбата на Камчев до второстепениот суд била поднесена пред Врховниот суд да го донесе начелното правно мислење за истрагите на специјалното јавно обвинителство. И останатите осомничени поднеле жалба да им биде укината оваа мерка. Кривичниот суд им го продолжи куќниот притвор на осомничените во оваа финансиска истрага на СЈО.

Од СЈО стигнало ново барање за продолжување на куќниот притвор на Oрце Камчев, до Апелацискиот суд. По одлуката на Апелација, адвокатите на Камчев може да побараат Врховниот суд да се произнесе.

Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска- Камчева, Христина Камчева-Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски се осомничени за злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело.

Во предистражната постапка, СЈО тврди дека обезбедило доволно докази од кои произлегло основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост.