Уставна должност на претседателот на државата е да ги потпише законите и договорите што ги усвојува и ратификува Собранието, а не да изнесува лични ставови и толкувања, смета академик Владо Камбовски. Според него не треба да се кочат интегративните процеси на земјата кои се отворени со договорот за добрососедство со Бугарија и договорот за решавање на спорот за името со  Грција, кој треба да биде потврден на референдум, а потоа и во Собранието, по што потпис треба да стави и претседалот.

-Штом прифатиш да бидеш претседател и си дал заклетва дека ќе го почитуваш Уставот, тогаш нормално е дека треба да се однесуваш согласно таквата определба консеквентно. Ако е тој според Уставот должен, не се работи за слободна волја дали ќе го потпише или не законот, дали ќе има ваков или онаков став, тоа е друга работа, негова уставна должност, оттука и законска должност е да го потпише законот.-изјави денеска во Охрид академик Камбовски.

Камбовски е оптимист дека најавениот референдум по однос на договорот за решавање на спорот за името може да успее и дека има политичка волја за тоа.

-Противењето на еден таков чекор треба да понуди некаква друга реална алтернатива која ќе даде некаква изгледност дека Македонија може да излезе од длабоката општествена криза. Јас очекува дека на крајот ќе преовлада свеста кај најрелевантните политички партии дека е тоа добар и исправен правец. – рече Камбовски.

Академик Камбовски најави дека Центарот за стратегиски истражување при МАНУ во септември ќе организира научна конференција на која ќе бидат дообјаснети решенијата од Договорот за решавање на спорот за името.

Г.М.