Најголемата забележана слатководна риба во светот, џиновската раја (лат.: Batoidea), е уловена во реката Меконг во североисточна Камбоџа, објавија научници од оваа земја во Југоисточна Азија и САД.

Рибата уловена на 13 јуни била долга речиси четири метри од главата до опашката. и тешка малку под 300 килограми. Претходниот рекорд за слатководна риба беше џиновскиот меконшки сом тежок 293 килограми, откриен во Тајланд во 2005 година, соопштија истражувачите.

‘Рскавичната риба беше уловена од рибар кој веднаш ги известил надлежните, па веста стигнала до научниците од проектот „Чудата на Меконг“, со којшто ракводи Зеб Хоган.

Кога ќе видите риба со оваа големина, особено во слатка вода, тоа е тешко да се сфати „од прва“, па мислам дека целиот наш тим беше воодушевен. Фактот дека рибите сѐ уште можат да бидат толку големи е знак на надеж за реката Меконг. Но, мора да се внимава на еколошките проблеми со кои се соочува реката, истакна Хоган.

Реката Меконг тече низ Кина, Мјанмар, Лаос, Тајланд, Камбоџа и Виетнам. Дом е на неколку видови џиновски слатководни риби, кои сепак, се загрозени од околината.

На светско ниво, големите риби се загрозени. Тоа се видови со висока вредност. Ним им треба многу време да созреат. Тоа значи, ако се ловат пред да созреат, немаат шанса да се размножуваат, објасни Хоган.

Тој додаде дека околу 70 отсто од џиновските слатководни риби на глобално ниво се загрозени – како и сите видови на Меконг.

Џиновската раја е многу слабо проучена риба. Нејзиното име, дури и научниот назив се менуваше неколкупати последниве 20 години. Не знаеме многу за нејзината животна историја, екологијата, ни преселничките модели, рече Хоган.

Околните жители на рибата ѝ го дадоа прекарот „Борами“ или – „полна Месечина“ поради нејзината тркалезна форма и затоа што Месечината била на хоризонтот кога беше повторно пуштена во своето природно живеалиште на 14 јуни.

OhridNews