Поранешниот репрезентативец на Македонија, Гоце Толески во улога на тренер на младинските категории се врати во клубот каде што ја започна богатата фудбалска кариера. Толески е еден од најуспешните фудбалери кои потекнуваат од Охрид и со искуството акумулирано од играњето за македонската репрезентација и клубови надвор од нашата земја ќе биде од голема помош за правилно развивање на охридските фудбалски надежи.

  • Официјално прв пат се враќам во охридскиот фудбалски клуб откако заминав како млад фудбалер. Јас работам како тренер во фудбалска академија, но во клуб сум прв пат. Чест и задоволство ми е што сум дел од овој клуб и што ќе имам можност да работам со помладите фудбалери кои треба и ќе бидат темел на екипата, сега и во понатамошните сезони и години кои следуваат. Јас искрено се надевам дека овој проект со фудбалскиот клуб ќе биде долгорочен и ќе имаме можност долги години да уживаме во фудбалската магија. – изјави Гоце Толески на почетокот од разговорот со OhridNews.

Фудбалскиот клуб Охрид со две генерации ќе се натпреварува во младинските лиги. „Сино белите“ ќе бидат дел од младинската и кадетската лига кои го опфаќаат западниот дел од Македонија.

  • Работиме со четири генарации во фудбалска академија и можам да кажам дека имаме готов фудбалски кадар да се натпреваруваме во младинските категории. Во првата сезона ќе се натпреваруваме во младинци и кадети а ќе играме со две години помлади генерации. Што значи во младинската лига ќе играат кадетите, а во кадетската лига ќе играат пионерите. Ваквиот потег е се со цел да се задржат сите фудбалери во Охрид и кадетите штом акумулираат искуство во младинската лига веднаш да конкурираат за место во првата екипа. – додаде Толески.

Тој направи паралела на условите кои фудбалерите работата денес и условите кога тој беше член на младинската екипа на ФК Охрид која се пласираше во 1/2 финалето во Купот на Македонија.

  • Условите сега и кога јас бев младинец или почетник се различни. Моментално фудбалерите имаат терен со вештачка трева, главен стадион кој е достапен секогаш и организиран систем на натпреварување. Во наше време таленти имаше многу, но системот беше многу лош и мал број на деца продолжија да играат фудбал затоа што немаше лига и систем за натпреварување. Покрај условите, факт е дека треба и работа. Јас и сите во клубот подготвени сме да ги засукаме ракавите и да работиме, резултатите ќе си дојдат, бидејќи ништо не само во фудбалот, туку во спортот не може преку ноќ. – заврши Толески.

Сениорскиот тим ги започна подготовките за настап во Втората лига, а фудбалерите од младинскиот погон со работа ќе започнат следниот месец.

Михаил Постоловски

 

Фото: „Рибарите“ ги запалија моторите за Втората лига