Незадоволен од одлуката на мнозинството колеги советници, независниот советник Петре Петрески-Калимеро, денеска најави дека ќе покрене кампања за измена на Деталниот урбанистички план -ДУП за УЕ 17 кој е ставен на јавен увид. Според истиот, на просторот каде што сега се наоѓаат бараките на Гранит и Трудбеник треба да се гради хотелски комплекс, како и пет згради за времено домување. Калимеро смета дека изградбата на тие згради ќе го наруши природниот амбиент во „Билјанини извори“ и ќе го уништи спортскиот центар.
Ќе организирам 4 пункта кај Гимназијата, ФТУ, на плоштадот и кај чинарот на кои граѓаните ќе може да ги изнесат своите забелешки во однос на планот за изградба на згради на спортскиот центар, најави Калимеро.
Советникот Петрески вели дека е разочаран од начинот на работата на Советот, а особено од претседателот и коалицијата предводена од СДСМ, со која како што рече веќе нема да соработува.
Денеска и ОК на ВМРО НП упати апел до граѓаните, невладините и граѓански организации, како и до спортските здруженија да се спротистават на намерите на локалната самоупрвава за како што беше речено уништување на спортскиот центар.
Г.М.