Независниот советник, Петре Петрески Калимеро, поднесе иницијатива седниците на Советот на општина Охрид во иднина да бидат директно пренесувани на една од локалните телевизии.
“Бидејќи работата на Советот е јавна и транспарентна, а советниците се избрани од граѓаните да ги штитат нивните интереси, добро е седниците да бидат директно пренесувани на медиумите, со што ќе се подигне ефикасноста на Советот и ќе се подигне дигнитетот како на институцијата, така и на советниците“, смета Калимеро.
На тој начин, додава советникот Петрески, ќе се одбегнат и новинарските шпекулации, а седниците ќе се документираат на аудио-визуелен начин и ќе бидат секогаш достапни во архивата. Калимеро смета дека директниот пренос на седниците од Советот, нема да го оптовари општинскиот буџет повеќе од еден советнички паушал месечно.