Несовесни граѓани оставиле штотуку породена пудлица со нејзините малечки во двор од зграда на булеварот „Туристичка“. Пудлицата е оставена во текот на изминатата ноќ. Таа е врзана за дрво додека нејзините малечки се пуштени во дворот. Нивниот живот, како и животот на мајката се доведени во опасност.
Инаку, ова не е прв ваков случај во Охрид, особено во летниот период. Често пати туристи од другите градови кои доаѓаат во Охрид ги оставаат своите миленици тука. Има и случаи кога локални жители по извесен период ги напуштаат своите миленици и ги оставаат на улица без притоа да се потрудат да ги згрижат или да побараат помош од здруженијата за заштита на животните.
На овој начин се продлабочува проблемот со бездомните животни, бидејќи и покрај ентузијастичките напори на здруженијата за заштита на животните кои ги згрижуваат во приватен центар или ги вакцинираат и стерилизираат па ги враѓаат на улица, бројот на бездомни животни постојано се зголемува, а ваквите појави секако имаат придонес кон тоа. Дополнително нехуманото постапување со домашни миленици не се санкционира.
OhridNews