Речиси изминаа две третини од предизборната кампања за локалните избори во Охрид. Најактивни, како и што се очекуваше се општинските изборни штабови на двете големи коалиции, „За подобра Македонија“ и „Сојузот за иднината“.


Кандидатот за градоначалник на ВМРО ДПМНЕ, д-р Никола Бакрачески форсира кампања во која ги презентира проектите кои има намера да ги реализира доколку ја добие довербата од граѓаните, а кои се дел од неговата програма „Нови дела за подобар Охрид“. Овој слоган го има и на неговите плакати и билбордите во градот на владејачката коалиција предводена од ВМРО ДПМНЕ.

-Наша должност е пред граѓаните да ја објасниме нашата програма, што подобро да им ги објасниме нашите програмски заложби, она што сакаме да го направиме во градот. Меѓутоа во исто време сакаме и да им укажеме на разликата што постојат меѓу два дијаметрално спротивни концепти во водење на градот. Од една страна е концепт на безнадежност, бесперспективност и лажни ветувања и другата страна е концепт на точно утврдена и прецизна програма со сериозни и издржани проекти со јасен концепт, конструкција, извори на финансирање и проекција за остварување, проекти кои ќе го дадат новото лице на Охрид.-изјави кандидатот за градоначалник на коалицијата „За подобра Македонија“ Никола Бакрачески.


Досегашниот тек на кампањата, од аспект на владејачката коалиција, Бакрачески го оценува како позитивен.

-Јас лично и мојата партија се залагаме да промовираме позитивни вредности. Јас и понатаму ќе се трудам да го подигнам нивото на политичка комуникација, да ја подигнеме и свеста на граѓаните дека политиката не секогаш е валкана и гнасна работа, туку таа треба да биде еден вид натпревар низ кој ќе ги изразуваме нашите позитивни дела пред се.-истакна Бакрачески, нагласувајќи дека кампањата која ја води коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО ДПМНЕ е потполно чиста.


Спротивно од Бакрачески, кандидатот на „Сојузот за иднината“, Александар Петрески , смета дека предизборната кампања во Охрид не е фер и демократска.

-Сметам дека овие избори ќе бидат најнефер во историјата на Охрид, иако во минатото имаше дури и пукања на избори. Но, за да имаме фер и демократски избори, не треба само кампањата да биде фер или денот на гласањето, туку години наназад треба да има фер однесување. Четири години Министерството за транспорт и врски нема потпишано ниту еден урбанистички план иако се изработени според сите прописи. Две години чекавме да ни го доделат земјиштето, ни го доделија во август и повторно ни го одзедоа со други закони. Да не зборувам за постојаните притисоци, дваесетината поднесени  кривични пријави кои се неидржани, тогаш не можеме да зборуваме за фер и демократски избори, изјави Петрески.


На билбордите низ градот Александар Петрески се промовира без партиски обележја, а на плакатите и рекламните банери и видеа, тој е претставен со крената рака и стисната тупаница.

-Знаете што им претходеше на овие локални избори. Знакот на Сојузот за иднината е тупаницата – борба, тоа е универзално за сите.  Со самиот знак јас покажувам каде и на кој сојуз припаѓам. Со работата во изминатиот период и секојдневното однесување сум потврдил дека сум градоначлник на сите граѓани, а не градоначалник на само еден дел од граѓаните. Тоа е пораката на билбордите и каде припаѓам и дека сум и ќе бидам градоначалник на сите граѓани. Доволно е да се видат билбордите мои и на противкандидатот за да се заклучи кој се бори за убавото, а кој за грдото лице на Охрид, рече Петрески.


Засега, покрај зајадливите стрели кои си ги упаќаат едната и другата страна, во Охрид не се забележани драстични прекршувања на изборната кампања. Сојузот на иднината пријави оштетување на изборен штаб во населбата Влашка мала, а забележливо е уништување на дел од пропагандниот материјал на кандидатот за градоначалник на коалицијата „За подобра Македонија“.


Како што ќе се ближи денот на изборите, така и ќе се заострува политичката битка, а охриѓани очекуваат од коалициите, партиите и сите учесници во кампањата достоинствено и демократско однесување.

Горан Момироски