По заминувањето на специјализација во Словенија, првпат го слушнав зборот „MRSA“ и се позанимавав на интернет што значи тоа и како се пренесува таа бактерија и како се лекува, посетив и неколку семинари каде имаше предавања на таа тема. Навистина се согласувам со тоа дека таа бактерија убива, пред се ако се развие сепса од таа бактерија, која најчесто се наоѓа во носот, грлото и кожата, или во отворени рани. Како сепса најчесто ги зафаќа белите дробови. Таа бактерија е стафилокока која е отпорна на метицилин, но постојат други антибиотици кои успешно ја покриваат, еден од тие антибиотици е „Ванкомицин“, гликопептиден антибиотик, кој се употребува за профилакса и за лекување инфекции со грампозитивни бактерии. Друга карактеристика дека таа инфекција брзо се пренесува во болници, старечки домови, и други места каде се хоспитализирани или лежат подолго време пациенти, на кои имунолошкиот систем им е ослабен. Пренесувањето е по пат на контакт или воздушно-капков начин.
Друго правило кое треба да се почитува кога знаеме дека пациентот ја има таа бактерија мора да биде во изолација од другите пациенти додека е хоспитализиран. Во собата влегува само персонал кој е облечен со заштитна наметка, капа, маска и ракавици. Сите апарати во собата остануваат внатре додека пациентот кој ја има оваа бактерија е хоспитализиран. По направениот преглед од страна на докторите и медицинскиот персонал и по напуштање на собата наметката, капата, маската и ракавиците се фрлаат во посебна корпа за отпадоци, рацете се дезинфицираат со алкохол кој се наоѓа пред влезот, односно на самата врата. Прашање е како да се победи инфекцијата предизвикана од оваа бактерија. Начинот е едноставен, секојдневно дезинфицирање на телото, носот и грлото, правило е 6 дена, на седмиот ден се земаат брисеви од кожата, носот и грлото и ако се негативни дезинфекцијата продолжува понатаму, а брисевите се повторуваат до три пати, и ако резултатот е негативен тогаш пациентот веќе не е „MRSA“ позитивен. Уште еден фактор кој помага таа бактерија да исчезне е пациентите да не се хоспитализираат толку долго време и да се отпуштаат побрзо од болниците.
Можам да соопштам еден факт за болниците во Словенија. Пред 10 години „MRSA“ беше страшна тема и Словенија беше една од водечките држави во Европа по бројот на вакви инфекции. По воведувањето на дезинфекционите средства во секое одделение, пред секоја врата, дури и пред главните влезови, Словенија успеа да го реши тој проблем, и да ја намали присутноста на тој вид бактерија за околу 70-80 %. На тоа прашање работеа многу доктори од микробиологија и инфективните болести, работат и понатаму, и имаат формирано посебна екипа која при хоспитализирање на пациентите компјутерски добива информации, дали тие веќе ја имаат таа бактерија, и пред секоја сместување во болница им се земаат брисеви и тоа се контролира. Но, многу сум среќен што во Македонија почна да се зборува за таа бактерија, и на оваа тема треба да се посветат сите што работат во медицинските установи, Министерството за здраватво заедно со министерот, Владата на Р. Македонија да се направи екипа од стручњаци што ке го решаваат прашањето на супер бактеријата Стафилокока отпорна на метицилин.
Д-р Климент Дајоски – специјализант по општа хирургија