Стари и незаштитени инсталации во градот, небезбедни водоводни системи во селата. Ваква е состојбата на водоводите во Охрид и Охридско.

Околу изворите во Бејбунар расфрлани се огромни количини цврст отпад, а каптажите се незаштитени од надворешни влијанија.

Ништо подобра не е состојбата ниту на селските водоводи во селата во охридско. OhridNews неодамна пишуваше дека во седум села констатриран е недостаток на хлор, а во едно утврдено е и присуство на бактерии опасни по здравјето на луѓето. Месните заедници во овие села, пак, отворено соопштија дека проблемот е загрижувачки за што ги информирале надлежните во општината уште на 18 август, но дека отсуствува соодветна реакција.

Неповолната состојба со одржувањето на водоводните системи во градот и околината ја констатирал и државниот инспекторат за храна и ветеринарство, како и Центарот за јавно здравје, од каде велат дека проблемот се провлекува подолг период.

-Постојано се апелира и контактира со луѓето коишто вршат контрола односно треба да стопанисуваат со водоводните системи во селата. За жал постојано од нив добиваме одговор дека недостигот на финансиски срредства е причина за ненабавка на потребните дезинфекциони средства. Секако најважна работа при стопанисување со водоводните системи е да се обезбеди доволно количество на дезинфекционо средство, коешто ќе го има постојано во водата за пиење.-вели Сашо Точков од Центарот за јавно здравје во Охрид.

Тој изрази надеж дека актуелизирањето на состојбите во медиумите ќе влијае на одговорните да обезбедат средства за непречено и безбедно функционирање на водоводите во селските средини, а се со цел да се обезбеди чиста вода за пиење за месното население.

OhridNews