Колку советнички места ќе добие одредена кандидатска листа и на овие локални избори ќе се пресметува според Донтов метод, иако во текот на изминатата година во неколку наврати имаше обиди за измени во Изборниот законик.
Во Република Македонија од 1990 година до денес изборниот модел е менуван три пати. Донтовиот метод во Македонија за прв пат се употребил на локалните избори во 1966 година, кога е воведен за распределба на мандатите на изборите за советници во општините. На парламентарните избори во 1998 година по овој метод биле распределени 35 мандати од пропорционалната листа, а од парламентарните избори во 2002 година се користи за распределба на сите мандати во Собранието. Политичката сцена во државава води дискусии за промена на изборниот модел во изминатите две децении откако беше воведен пропорционалниот изборен модел со шест изборни единици .
Последниот предлог ставен на маса за измена на Изборниот модел беше изборна единица со отворени листи, кој би им одел во прилог на малите партии, затоа што на тој начин нема да има голема загуба на гласовите, кој не наиде на Консензус од политичките партии.
Според Донтовиот метод, распределбата на мандати, во случајов на советнички места, се пресметува според пропорционална застапеност, користејќи го принципот на највисок просек. Математички, но не и оперативно.
По одредувањето на освоениот број гласови, за секоја листа се пресметуваат просеци или количници.
Тоа значи дека, според овој систем, вкупниот број гласови што ќе ги добие секоја кандидатска листа поединечно се дели со 1, потоа со 2, со 3, со 4, и сè до крајниот број на членови на Советот што треба да бидат избрани во одредена изборна единица. Добиените изборни количници се подредуваат по големина. Листата на кандидати за членови на советот добива толкав број на советнички места колку што има најголеми количници од бројот на количниците . Ако во доделувањето на последното советничко место се јават два идентични количника, мандатот се доделува со ждрепка. Колку советници ќе добие одредена политичка партија се пресметува по формулата V/(s+1) каде што „V“ е бројот на гласови што го добила листата, а „s“ е бројот на мандати што го добила листата досега (во почетокот е 0 за сите листи).
На пример, ако на изборите учествуваат четири партии со свои листи, А, Б, В и Г, и најмногу гласови добила листата А, 100.000 гласа па листата Б освоила 80.000 гласа, листата В, 30.000 гласови, а листата Г добила 20.000 гласови, бројот на гласовите на секоја партија се дели со 1, со 2, со 3… се до 8.
Според Донтовиот метод, добитни се осумте најголеми количници, бидејќи толку пратеници се избираат во претпоставената изборна единица
Прв најголем количник во овој пример е 100.000 што значи првиот мандат ќе го освои партијата со листата “А”. Втор најголем е 80.000, па втор мандат ќе освои партијата со листата “Б”. Трет најголем количник е 50.000 и тоа е уште еден мандат за листата” А”, а потоа е 40.000 и мандат за листата” Б”. Петтиот најголем количник по ред е 33.333 и тоа е мандат за листата” А”, а потоа следува мандат за листата “В” бидејќи следниот, шести, количник е 30.000. Седмиот мандат, со количник 26.666 ќе ѝ припадне на листата “Б”, а најпосле осмиот мандат, со количник 25.000, ќе го освои листата” А”.
Донтовиот метод не произведува чиста пропорционалност бидејќи ги фаворизира поголемите партии.
Овој систем за избор на пратеници го користат Албанија, Аргентина, Австрија, Белгија, Бразил, Бугарија, Камбоџа, Зеленортски Острови, Чиле, Колумбија, Хрватска, Чешка Република, Данска, Источен Тимор, Еквадор, Естонија, Финска, Гватемала, Унгарија, Исланд, Израел, Јапонија, Луксембург, Република Македонија, Молдавија, Црна Гора, Холандија, Северна Ирска, Парагвај, Полска, Португалија, Романија, Шкотска, Србија, Словенија, Шпанија, Турција, Уругвај и Велс. Донтовиот метод се користи и за распределба на големиот број функции во Европскиот парламент.
OhridNews