Маратонското пливање е една од најтешките спортски дисциплини во светот. Посебно, Охридскиот маратон е специфичен бидејќи се одржува во слатка вода што дополнително го отежнува пливањето.
Македонскиот маратонец Евгениј Поп Ацев инаку вицешампион од минатогодишното 28-то издание на Охридскиот пливачки маратон, за Ohridnews открива како се подготвува.
– Базичните подготовки пред почетокот на Гран При серијата или сезоната е најбитен сегмент. Без добра и „полна“ база неможеш ниту една техника или пак план да спроведиш во текот на еден маратон. Што се однесува до Охридскиот маратон, тој е нешто специјално затоа во текот на летото доаѓам неколку пати и пливам кратки релации за телото да ми се привикне на климата и температурата на водата. Многу се разликува од останатите маратони. Затоа сите пливачи се подготвуваат на друг начин во однос на останатите маратони. Особено внимание му посветуваме ние Македонците бидејќи мора да бидеме во топ форма за што подобра афирмација на најголемата спортска манифестација во нашата држава. – рече на почетокот од разговорот Евгениј Поп Ацев.
Во пресрет на маратонот тој во Охрид стигнува најмалку три-четири дена пред почетокот за да ја прими топлината од градот и да го осети маратонскиот дух.
– Секогаш практикувам да бидам барем 3-4 дена пред стартот на маратонот во градот домаќин, бидејќи само така можеш да го осетиш духот што правопропорционално делува мотивирачки и на нас пливачите. Во Охрид покрај рутинските лесни тренинзи се одмарам психички што исто така е многу важен фактор за спортистите. – додаде популарниот „Генчо“.
Пред и после тренинзите во градскиот базен и Охридското езеро, Поп Ацев добива целосен третман во студиото Петан.
– Четвртата година го посетувам семејството Петан кое се грижи за моето здравје во текот на мојот престој во Охрид. Минатата година поради моите чести повреди имав третман и пред стартот на трката што вроди со плод освојувајќи го второто место зад Белгиецот, Брајан Рикеман. – објасна Поп Ацев.
Еден од четирите македонски пливачи го мерка првото место на пиедесталот кое минатата година му избега за еден замав.
– Нова трка, нова приказна и нова надеж. Не чувствувам никаков притисок пред почетокот. Некако со искуството си замина притисокот кој на некој начин сам си го наметнуваш. Не би пливал ако не атакувам на првата позиција. Сакам да победам, конкуренцијата е мала, но силна и се надевам дека конечно ќе ги израдуваме охриѓани и целата Македонија. – заврши Поп Ацев.
Покрај него на стартот од трката в сабота во 12 часот во Свети Наум ќе се појават уште три македонски маратонци Томи Стефаноски, Александар Илиевски и Александар Панчевски.
Михаил Постоловски