Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот изготви образец за тоа како и кога да се користи „Европскиот извештај“, што се користи во случај на сообраќајна незгода со мала материјална штета, а го пополнуваат учесниците во сообраќајната незгода. Под мала материјална штета во сообраќајна незгода се подразбира штета на објекти и на возила на кои што не им се оштетени виталните делови за управување и запирање, а возилата се во можност сами да се движат по патот.

Европскиот извештај не се пополнува во случај на сообраќајна незгода во која има повредени или загинати лица и во сообраќајна незгода со голема материјална штета, информира РСБСП.

РСБСП посочи дека возачите учесници во сообраќајната незгода во која е предизвикана мала материјална штета, откако ќе го пополнат и потпишат Европскиот извештај за сообраќајна незгода веднаш треба да ги отстранат возилата од коловозот, со цел непречено одвивање на сообраќајот. Исто така, на возачот учесник во сообраќајната незгода кој постапува спротивно од наведената одредба, ќе му биде издаден. прекршочен платен налог во износ од 250 евра, во денарска противвредност.

Возачите учесници во сообраќајна незгода во која е предизвикана мала материјална штета, а го пополниле и потпишале Европскиот извештај, не се должни да го известат Министерството за внатрешни работи. Европскиот извештај не претставува признавање вина и не значи дека меѓу возачите е постигната согласност за вината во сообраќајната незгода, ниту дека со потписот се признава вина, туку служи единствено за утврдување на фактичката состојба, пишува во соопштението.

Полициските службеници на Министерството за внатрешни работи се должни да излезат на местото на сообраќајната незгода во која е предизвикана мала материјална штета и не е потпишан Европски извештај, ако тоа го бара едниот од учесниците во сообраќајната незгода и тоа во случај кога: eдно од возилата нема регистарски таблици или не е осигурано, eдно од возилата има странска регистарска таблица, очигледно е дека еден од возачите е под дејство на алкохол, дрога или други психотропни супстанции, еден од возачите не поседува возачка дозвола од соодветната категорија, на еден од возачите му е запишана прекршочна санкција во возачката дозвола – забрана за управување со моторно возило, еден од возачите одбива да даде свои лични податоци, односно податоци за возилото, еден од возачите го напуштил местото на сообраќајната незгода, ако возачот сам учествува во сообраќајна незгода.

Сопственикот на возилото е должен да го извести друштвото за осигурување со кое склучил договор за осигурување од автомобилска одговорност за настанувањето на сообраќајната незгода и да достави пополнет Европски извештај во рок од 30 дена од настанувањето на незгодата. Учесниците во сообраќајната незгода, на барање на одговорното друштво за осигурување, се должни опширно да известат за околностите под кои се случила сообраќајната незгода, во спротивно, се должни да ја надоместат штетата настаната од неисполнување на обврската за известување, се вели во соопштението.

Во случај на сообраќајна незгода со мала материјална штета во која учествуваат две возила, се пополнува само еден комплет Европски извештај. Доколку во незгодата учествуваат три возила, се пополнуваат два комплета, четири возила – три комплета, итн. Притоа, воопшто не е важно чиј примерок се пополнува, ниту кој го пополнува. При пополнувањето на Европскиот извештај важно е да се користи хемиско пенкало. Се препорачува учесниците во сообраќајната незгода да направат фотографии со поголема и непосредна оддалеченост, да се се фотографира состојбата на возилата, оштетувањата, отпаднати делови, местото на незгодата и траги од кочење.

РСБСП посочи дека придобивките од користење на „Европскиот извештај“ се повеќекратни, односно придонесуваат во намалување на сообраќајниот метеж по сообраќајната незгода со мала материјална штета, побезбедно одвивање на сообраќајот, брзо ефикасно обесштетување на оштетените странки, помалку административни процедури и заштеда на време и пари, како и намалување на можноста за дополнителни санкции.

OhridNews