Новинарите во 2007 година ги бележаа важните настани кои оставија белег во нашиот град. Тие беа свидетели на големите настани, немили сцени, скандали. Известуваа за добрите и лошите работи. Отворено за Ohridnews, тие зборуваат за настаните во 2007-ма, за приватниот живот, новинарството:
Годината што изминува ќе ја паметам по туристичкиот бум, вели дописникот на Радио Скопје од Охрид, Јаким Каневче. „Годинава и времето не послужи, беше прекрасно и топло и Охрид навистина беше исклучително посетен во главната туристичка сезона, посебно од странски туристи, а најмногу ги имаше од соседна Србија“, вели Каневче.
Според Каневче, бројните пожари што се случија во 2007 година се најнегативниот настан во 2007 година. „Пожарите кои се случија летото предизвикаа огромна штета пред се по флората и фауната“, додава Каневче.
Два настани оставија белег на случувањата во Охрид во 2007 година, тоа беа Форумот на НАТО и Конференцијата на верските лидери, смета новинарот на Македонската телевизија, Сашо Нелоски. „ Тие два настани не само што се случија во Охрид туку имаат големо значење и за Р. Македонија“, вели Нелоски.
Најнегативно нешто што се случува во Охрид како туристички центар е состојбата со автобуската станица, смета Нелоски. „ Тоа е најгорливото прашање бидејќи е лицето на Охрид. При доаѓање во Охрид секој турист се соочува со асфалтиран паркинг без никакви други потребни услови, нема објект, нема санитарен јазол и тоа навистина е лошо лице на Охрид“, додава Нелоски.
Слично размислува и Сузана Вренцоска, новинар на АМАК – Охридски новини и дописник на „Вечер“. И според неа најголеми настани кои што се случија во Охрид во 2007 година се Форумот на НАТО и Конференцијата за дијалог меѓу цивилизациите.
Најнегативен настан во 2007 година во Охрид, според Вренцоска, ќе остане нереализирањето на проектот за изградба на автобуската станица која како што вели таа „остана ругло во нашиот град“. „Охрид не смее да ги пречекува гостите под ведро небо, сепак е туристички град“, вели Вренцоска.
Иако новинарите и во 2007 година која изобилуваше со настани имаа многу малку време за приватниот живот, годината што изминува ќе ја паметат по случувања кои длабоко ги допреа нивните емоции. На приватен план новинарката на ТВМ, Тања Кувенџиска вели дека 2007 ќе ја памети по големата загуба на блиска драгоцена особа, но и по еден убав настан што и се случил во годината што измина. Професонално и таа смета дека НАТО форумот и Конференцијата за дијалог меѓу религиите се топ настани во Охрид во 2007-ма, а како најпозитиво таа го оцени уредувањето на плажите. „Колку толку дојде до уредување на плажите“, вели Кувенџиска. Според неа и најнегативниот настан или случувања се поврзани со плажите, а тоа се како што рече, големиот отпад и ѓубрето што го гледавме по охридските плажи.
Гледајќи како известувач од Охрид, двата најголеми настани што се случија во нашиот град во 2007 година се НАТО Форумот и Конференцијата за дијалог меѓу религиите, вели Симон Илиевски, новинар на Радио Охрид и дописник на Канал 5 телевизија и „Утрински весник“. „Тоа се два огромни настани на кои што присуствуваа исклучително важни личности од светот, што претставува голема привилегија за Охрид и за државата и сите тие контакти кои се остварија во текот на конференцијата мора да се негуваат и одржуваат бидејќи можат да се искористат за лобирање за интересите на Македонија пред меѓународната заедница“, смета Илиевски.
Негативен впечаток ми оставија доста нерационалните потези од локалната васт која повеќе се занимаваше со периферни и рекламни работи отколку со суштински кои се битни за развојот на градот, вели Илиевски.
Новинарите во годината што изминуваа, беа под притисок и на други обврски, делумно поврзани со професијата, делумно и не.
Професионално во 2007 година немав некои поголеми качувања и падови, а приватно 2007 година ќе ја паметам по тоа што дипломирав и сега сум дипл. инженер технолог, вели новинарот на телевизијата Морис, Весна Б. Стефаноска.
Според неа најнегативен настан кој се случил во 2007 година е трагичната смрт на Тоше Проески, која како што истакна силно ја потресе нацијата.
Верувам дека сите колеги имаме исто мислење дека настани на годината се НАТО Форумот и Конференцијата за дијалог меѓу религиите, истакнува Мики Трајковски, новинар на НТВ, Супер радио и АЛСАТ телевизија. Овие два настани дефинитивно го ставија Охрид во центарот на вниманието пошироко. Исто така настан кој остави силен белег во 2007 година е и Светското младинско првенство во ракомет што се одржа во Охрид кое мина во добра органзиација што е добра најава за сениорското Европско првенство во женска конкуренција што во декември 2008 година ќе се одржи во Македонија, вели Трајковски.
Немил настан по кој ќе ја паметам 2007 година е обидот за грабнување на деветгодишен ученик пред основно училиште во Струга кој ја вознемири јавноста, завршува Трајковски.
„За жал 2007 година ќе ја паметам по една би рекла национална трагедија, загубата на нашиот Тоше кој замина во легендите“, вели Ангела Белеска, новинарка на АМАК прес -Охридски новини и на „Дневник“. Таа доста резигнирано зборува и за случувањата во охридското новинарство.
„Не би можело можеби да се искоментира како настан, но како негативна појава која ја одбележа за жал оваа 2007 во Охрид е експанзија на новинарството во нашиот град во надолна линија. Можам само да кажам дека залутани луѓе можат да се најдат во оваа професија. Веќе не се внимава на степенот на образование, на искуството, буквално и продавачки кои што нашле подобро работно место станале новинари и жално е такви личности да креират јавно мислење во Охрид“, вели Белеска. Сакам да потсетам само дека на Правниот факултет во Скопје постојат интердисиплинарни студии по новинарство, додава Белеска.
И за новинарот и уредник на АМАК прес -Охридски новини, Љупчо Танески, 2007 година ќе остане запаметена по загубата на Тоше Проески. Трагедија која што го погоди секој нормален човек во оваа држава, вели Танески.
Позитивно е можеби малото раздвижување во економијата, иако сеушпте тоа е далеку од потребното ниво. Што се однесува до новинарството за жал се потврди тоа дека буквално секој некој кој што нема што да прави во животот и како да си го пополни времето се вработи во медиум. Се надевам дека 2008 година нема да биде полоша од претходната која нека остане како година во која медиумите го допреле дното и сега веќе ќе почнат работите да се движат во нагорна линија, вели Танески.
Годинава што останува зад нас ќе ја помнам по многу нешта, вели новинарката на Радио Охрид, Александра Ристоска.
–Најуспешен настан што се случи во Охрид, според мене , беше мини НАТО самитот кога се покажавме како беспрекорни домаќини. Благодарение на самитот се направија неколку работи кои потоа ни останаа нам. Меѓу нив е осветлувањето и уредувањето на дел од градот. Ќе го паметам прекрасниот амбиент на градскиот плоштад и чаршијата каде што навистина уживам во последниве вечери од оваа година. Оваа 2007-ма година ме радуваа и малите и ситни нешта кои ми ги приреди мојата тригодишна ќеркичка Сара, вели Ристоска.
За жал, има и негативни работи кои ќе останат во мојата но и во колективната меморија на охриѓани. Меѓу нив, е и недовршената автобуска станица во Охрид, хаосот во градењето, недозавршениот колекторски систем и многу други проекти кои ги заслужува градот, а кои му беа ветени годинава, вели Ристоска.
„Ако размислувам генерално, ќе си дозволам да кажам дека Охрид во 2007 година стана заложник на политички интриги, и крупни интереси на луѓе кои за наша несреќа ја креираат политиката во градот. Во 2007 година единствено успеаја да го уназадат Охрид“, смета Росица Голабоска, новинар на Тв М.
Двете светски конференции кои се одржаа кај нас-Форумот на Нато и Дијалог на цивализациите беа клучни настани не само за Македонија како држава туку и за Охрид. За жал, градот не ја искористи можноста и не успеа да извлече буквално никаков бенефит од тоа. „Светот“ помина низ нашиот двор и замина, никој не ја пренесе приказната за Охрид, вели Голабоска. Единствено што навистина заслужува пофалба е возобновувањето на Светиклиментовиот универзитет на Плаошник. Личната среќа пак ја врзувам со малите нешта на кои знам да им се радувам, некои нови пријателства, и патувања кои будат убави спомени, додава Голабоска.
Според Нина Кепеска, новинар на А1 телевизија, 2007-ма година му го врати туристичкиот сјај на Охрид. Сезоната започна со голем број гости за дочекот на 2007-ма, кога на градскиот плоштад заедно со охриѓани и гостите од земјава, славеа илјадници срби и други странски туристи. Во тој стил минаа првомајските празници, летната сезона, Илинден, конгресниот туризам беше виновен за раздвиженоста во пролетните и есенски месеци, а големата предновогодишна посетеност за дочекот на 2008-ма потврди дека туристичкиот тренд оди нагоре. Во 2007-ма Охрид покажа дека може да се носи рамо до рамо со светските центри, организирајќи ги на коректно ниво големите светски собири, НАТО и Верскиот самит. Во 2007-ма Охрид си наметна туристички стил кој одамна го заслужуваше со релативно добро организирано функционирање на градот, со поубавиот имиџ и поквалитетната туритичка понуда. Остануваат уште доста работи да се сработат во 2008-ма, околу чистотата на плажите, градскиот сообраќај, паркиралиштата, такси превозот и слично. Но, работите тргнаа напред и Охрид конечно покажа дека туристичкиот развој е негов императив, смета Кепеска.
Земајќи ни го Тоше, 2007-ма година ни покажа на сите дека треба со сета енергија, љубов и без воздржување да се живее секој миг, ништо да не се остава за после и со насмевка на лицето да се пресретнува секоја утрешна неизвеснот, завршува Кепеска.
Ohridnews