Ниту еден странски државник не е на листата од над 2.000 поканети гости што ќе бидат дел од централната прослава на 20-годишнината од независноста на Македонија, што на 8 Септември ќе се одржи на централниот плоштад во Скопје.


Елизабета Канчевска-Милевска , министерката  за култура презентирајќи ја целокупната програма за прославата на јубилејот, рече дека било одлучено акцентот да биде ставен на домашните личности што дале придонес во остварувањето на стремежот за независност.

Одлуката беше да се поканат само домашни личности, односно граѓаните на Република Македонија, личности од политичкиот, општествениот, културниот живот, образовниот живот, сите оние кои што во изминатиот период  дале значителен белег за независна и суверена Република Македонија“, изјави Канчевска-Милевска.

Прославата на независноста вечерта на 8 Септември ќе почне во 18 часот, кога првиот парламентарец, Трајко Вељаноски ќе ја изнесе оригиналната декларација за независност од 1991 година. Документот ќе биде преземен од страна на Гардата на АРМ и ќе биде пренесена до Музејот на македонската борба.

Прва станица на свеченото дефиле ќе биде Портата „Македонија“, низ која прво ќе поминат 1.000 деца, како симбол за иднината на Македонија. Децата, заедно со Калиопи Букле ќе изведат роденденска песна на композиторот Марјан Неќак.

Предвидено е дефилето да се упати кон плоштадот „Македонија“, каде до спомениците на Методија Андонов – Ченто, Цар Самуил, Гоце Делчев, Даме Груев, Гемиџиите и Јустинијан Први ќе стојат актери во костими од времето на кое припаѓаат историските личности.

Потоа гардата ќе ја пренесе Декларацијата до новиот музеј, каде ќе му биде предадена на претседателот Ѓорге Иванов. Во чест на поставувањето на декларацијата во Музејот, АРМ на скопското Кале ќе испука топовски плотуни.

Предвидено е, по повод отворањето на музејот, да се одржи театарски ораториум „Непокор“, илустриран со познати сцени од македонската историја. Пред музејот, припадници на АРМ ќе изведат почесна стрелба во чест на сите загинати херои за Македонија.

Централниот дел од прославата ќе се одржи на плоштадот „Македонија“, каде ќе биде поставена 40 метри долга бина. Предвидено е обраќање на премиерот Никола Груевски, по што ќе следува грандиозното пуштање во употреба на фонтаната со споменикот „Воин на коњ“. Ќе биде премиерно изведена и свечената композиција „Македонија“ од страна на дваесетина естрадни ѕвезди. Прославата ќе финишира со настап на околу 90 изведувачи на забавна и народна музика.


 

За централната прослава, ќе биде организиран бесплатен превоз од вкупно 83 градови и општини.

„Главната идеја беше на централната прослава да се спојат минатото, сегашноста и иднината на Република Македонија, тргнувајќи од фактот дека генерациите денес го живееме големиот сон на сите наши сограѓани во минатото кои што се бореле за денешната независност“, изјави Дејан Пројковски, режисер.

Засега останува непознато колку ќе чини одржувањето на прославата. Според министерката Канчевска-Милевска, сите културни работници ќе настапат без да им бидат исплатени хонорари, додека за чинењето на техничкиот дел од организацијата, таа најави дополнителни информации.

“извор Макфакс“
ohridnews