Жените кои вложуваат многу време во градењето на своите професионални кариери, на крајот може да се доведат до сериозни заболувања и инвалидност, додека продолжената работна седмица може да им помогне на мажите да го одржуваат своето здравје, заклучија американските научници од Државниот универзитет во Охајо.
Во рамките на ова истражување биле направен интервјуа со 7.500 луѓе, со цел да се утврди нивото на интензитет на нивната работа, како и да се определи целокупното ниво на нивното здравје. Истражувачите го анализирале соодносот меѓу сериозните заболувања и количеството одработени часови во последните 32 години.
Резултатите меѓу жените воркохолици (зависни од работата) биле поразителни, вели еден од авторите на студијата, Алард Демб. Анализата покажала јасна и силна врска меѓу продолжената работна седмица и кардиоваскуларните болести, ракот, артритисот и дијабетесот.
Ризикот од развој на вакви заболувања се зголемува со зголемувањето на работната седмица, на повеќе од 40 работни часови. А при достигнувањето на границата од 60 работни часови неделно во текот на три децении, може тројно да се зголеми ризикот од развој на опасните болести.
„Жените, како по правило, врз себе го преземаат лавовскиот дел од домашните работи и со зголемувањето на должината на работното време може да се судрат со повеќе притисок и стрес, отколку мажите. Уште повеќе, работата може да им даде помалку сатисфакција на жените, бидејќи тие бараат рамнотежа меѓу работните и семејните обврски“, резимира Демб.
Притоа, се вели во извештајот на истражувачите, мажите во услови на висок обем на работа, напротив, се чувствуваат подобро.
OhridNews
Извор:„Макфакс“