Суперлигашката сезона да заврши без шампион и без испаѓање, вака предложи РФМ а Управниот одбор треба да ја прифати одлуката за официјален крај на сезоната. Сигурно не е според планот бидејќи токму овој период од сезоната се чека(ше) за големата борба на екипите за што подобар пласман.

Во предлогот од УО, РФМ достави план како би изгледала Супер лигата следната сезона. Дефитивно нема да има испаѓање, но ќе има влегување и тоа на повеќе екипи, не само на две. Најсилната лига во Македонија ќе се прошири, а новитет ќе биде активното учество на „сехалигашите“ без попуст, како претходно.

Што значи, Супер лигата следната сезона ќе брои 16 екипи. Лигата ќе биде поделена на два групи по осум екипи. Најдобрите четири од првата и најдобрите четири од втората група да разигруваат во плејофот додека преостанатите да играат во плејаутот.

Во прилог е целиот предлог од РФМ до УОУ кој ќе има полни раце работа на состанокот после Велигденските празници:

-Машката Суперлига од сезона 2020/21 година да брои 16 ракометни екипи, односно моменталните десет екипи од Супер Машката лига од сезона 2019/20 одина, двете екипи од регионалната СЕХА лига и четирите екипи од Првата ракометна лига, (по две прворангирани екипи од двете групи од Прва лига, кои се натпреварувале во сезона 2019/20) согласно моменталниот ранг на табелите (сезона 2019/20).

-За сезона 2020/21 година машката Суперлига да биде поделена во две групи од по осум екипи, извлекувањето да биде по принцип на полу-бергер систем согласно претходен ранкинг во национален систем на натпревари, дополнително во иста група нема да може да бидат ракометни екипи кои се регистрирани од еден ист правен субјект односно клубови кои се регистрирани како подружници на ракометните клубови.

-Натпреварувањето во секоја група ќе се одигрува по еднокружен бод систем (домаќин – гостин 2 х 7 кола) вкупно 14 кола по група.

-По завршување на 14-тото коло ќе се формираат две групи плеј-оф и плеј-аут, односно екипите пласирани од прво-четврто место во двете групи ќе ја формираат групата плеј-оф од осум екипи, екипите со остварен пласман петто-осмо место ќе ја формираат групата плеј-аут со осум екипи.

Натпреварите за ракометните екипите во групата плеј-оф ќе се одигруваат со еднокружен бод систем (домаќин – гостин 2 х 7 кола) вкупно ќе бидат одиграни 14 кола преку кои ќе се дојде до добивање на конечен пласман во највисок степен на натпреварување, дополнително ракометните екипи ќе пренесуваат бодови од првиот регуларен дел од одиграните 14 кола по принципот :

Првите од групите пренесуваат 3 бода

Вторите од групите пренесуваат 2 бода

Третите од групите пренесуваат 1 бод

Четвртите од групите пренесуваат 0 бодови

-Натпреварите за екипите во плеј-аут групата ќе се одигруваат со еднокружен бод систем (домаќин – гостин 2 х 7 кола) вкупно ќе бидат одиграни 14 кола до добивање конечен пласман, дополнително ракометните екипи ќе пренесуваат бодови од првиот регуларен дел од одиграните 14 кола по принципот:

Петтите од групите пренесуваат 3 бода

Шестите од групите пренесуваат 2 бода

Седмите од групите пренесуваат 1 бод

Осмите од групите пренесуваат 0 бода

Победникот (прворангираниот) во плеј-аут групата останува во Суперлига, вториот рангиран во плеј-аут игра бараж натпревар со првиот во Прва лига за опстанок во највисок степен на натпреварување. Екипите со остварен пласман трето-осмо место во плеј-аут преминуваат во Прва лига.

OhridNews

Крај на ракометна сезона без шампион на Македонија!