Пишува: д-р Сашо Ѓорѓиоски – Специјалист офталмолог во очна болница „Деница“ – Скопје
Со летото зголемена е изложеноста на ултравиолетови зраци. Затоа медицинските специјалисти редовно предупредуваат за опасностите од долгото изложување на сонце.
Често постои верување дека сончевата светлина предизвикува моментални нарушувања на очите, како што се солзење, заблеснување и пецкање, а помалку е познат долготрајниот штетен ефект врз очите. Многу болести на очите кои се проследени со губење на видот, а за кои верувавме дека биле резултат на наследни или непознати фактори, биле предизвикани од влијанието на сончевата светлина врз различното ткиво на окото. Со цел да се спречат непријатните состојби и непоправливите оштетувања на очите, потребно е од најрана возраст да се примени соодветна заштита на очите од сонцето.
Во текот на летото постои особено силен одраз (рефлексија) на УВ зраците од површината на морето, песок и чакал, односно за време на летување на море. На надморска височина од 2000 метри и повеќе, УВ зрачењето е двојно повисоко од нивото на морето, така што излетниците, планинарите и луѓето кои работат во таква средина се повеќе изложени на овие зраци.
Краткорочното и интензивно изложување на очите на сонце може да предизвика акутни промени на корнеата, како што е т.н. сончев кератитис што се јавува како резултат на изгореници на окото. Нарушувањато се манифестира со болка, жарење, пецкање, солзење и црвенило на окото со оток на капаците и привремено заматен вид. Долгорочната изложеност на сонце може да предизвика дегенеративни промени во корнеата и последователно губење на видот. Исто така, не се ретки и промени на конјунктивата во облик на жолчкасти наслаги, „pinguecula или pterygium“ (надворешно перде) што можат да предизвикаат пречки како што се црвенило, иритација и често го нарушуваат естетскиот изглед на окото. Се забрзува и развојот на замаглување на леќата, т.е. појавата на катаракта веќе во рана средна возраст на животот, а на мрежницата (ретината) може да настане дегенерација на жолтата точка (точката на најјасниот вид) што доведува до трајно и неповратно оштетување на видот. Дури и краткорочното гледање директно во сонцето без никаква заштита може да доведе до појава на т.н.соларна макулопатија односно краткотрајно или трајно оштетување на жолтата точка.
Најдобра заштита на очите од сончевите зраци
• Очилата за сонце кои го блокираат УВ зрачењето обезбедуваат најдобра заштита во текот на целата година.
• Со носење шапка можете да ја намалите директната експозиција и заблеснувањето на очите од сонцето. Се препорачува да се носи шапка со посветли бои за деца и возрасни, особено во времето на најсилното УВ зрачење помеѓу 10 и 16 часот. Ефикасноста е околу 50%, бидејќи не обезбедува заштита од рефлектирачките сончеви зраци.
• Контактни леќи со УВ филтер се препорачуваат да се носат во комбинација со очила за сонце. Самите не обезбедуваат УВ заштита на сите делови на окото и не го намалуваат чувството на заблеснување на очите.
• Капките за очи (вештачки солзи) го влажнат окото и ги испираат нечистотиите со што помагаат да се одржи заштитниот солзен филм кој се намалува поради високата температура и ветерот. Неквалитетниот солзен филм предизвикува сушење на површината на очите, што доведува до појава на црвенило, печење и гребење на окото.
Како да се изберат вистинските очила за сонце?
• Обликот на очилата треба да се приспособи на обликот на лицето. За летото препорачуваме модели со поголеми стакла, заоблени од страната, за да штитат и од рефлектирачките зраци.
• Материјалот на стаклата мора да биде со висока оптичка чистота, лесен, флексибилен и отпорен на гребење. Може да се направи од стакло или пластика, а исто така можат да се направат и со диоптрија. Поликарбонатните стакла се препорачуваат за луѓе кои се занимаваат со спорт бидејќи се поотпорни на кршење. Фотоосетливите стакла го менуваат интензитетот на затемнување во зависност од интензитетот на светлината и се погодни за возење. Поларизираните стакла и антирефлексните слоеви го намалуваат отсјајот и се погодни за возење и спортови на вода. Стаклата со ефект на огледало значително го ограничуваат количеството на светлина што влегува во окото, со што полесно се гледа.
• Бојата на леќата најчесто е сива, сивосина, зелена и кафеава и се избира според намената и вкусот. Важно е да се напомене дека степенот на затемнување на стаклото не влијае на заштитата од УВ зраците.
Како да знаеме дека очилата за сонце обезбедуваат целосна УВ заштита?
За избор на соодветни и квалитетни очила кои обезбедуваат целосна УВ заштита, најдобро е да се консултирате со професионален тим во офталмолошки ординации, оптики, аптеки или специјализирани спортски продавници. Се препорачува да се изберат очила за сонце кои нудат 100% или 99% заштита од УВА и УВБ зрачење, а потребно е да побарате декларација во која производителот ги наведува карактеристиките на стаклото и го гарантира квалитетот на производот. Налепницата УВ 400 покажува дека сите сончеви зраци со бранова должина до 400 нанометри (сите УВА и УВБ зраци) се блокирани.
Дали децата треба да носат очила за сонце?
На децата им требаат очила за сонце со 100% УВ заштита и од најмладата возраст треба да се навикнуваат за носење, бидејќи поминуваат многу повеќе време надвор од возрасните. Не купувајте им на децата неквалитетни очила, пластични и темни, без филтер, бидејќи поради затемнувањето, нивните зеници ќе се прошират за да пропуштат повеќе светлина и со тоа директно се зголемуваат штетните ефекти на сончевите зраци.
Доенчињата и многу малите деца кои не можат да носат очила за сонце не треба да се изложуваат директно на сонцето во периодот од 10 до 16 часот. Најдобро е да се изнесат во длабока сенка за да се заштитат од рефлектирачките зраци.
Текстот е објавен во магазинот „Наше Здравје“
на фармацевтскиот бренд „Виа Фарм