Годината што изминува за струшкиот кик боксер Слободан Кајмакоски е клучна во неговата професионална кариера. Во 2014 година стружанецот најавува дека од него најдоброто ќе излезе на површина и ќе учествува не повеќе натпревари во рингот.

– Во годината што доаѓа од мене можете да оечкувате многу бидејќи веќе сум на вистинскиот пат. Преговараме со професионални кик боксерски кампови со луѓе кои се вљубеници во овој спорт, а со уште неколку спонзори кои ќе ми помогнат ќе си дојдат работите на свое место – рече Кајмакоски.

Стружанецот 2013 година ја заврши со пораз на „Final Fight Championship“ од хрватскиот кик боксер Тео Микелиќ, но за него оваа година е успешна.

– Со оглед дека ова ми беше единствена борба во 2013 година и ја загубив, јас ја сумирам како успешна. Повикот од FFC го сметам за голем успех, а организаторите ми рекоа без разлика на поразот од Тео дека ќе сметаат во иднина на моите услуги. Веќе влеговме во преговори за нов меч и очекувам да имам од 4-6 дуели следната година во FFC. Што се однесува до борбата, мојот противник сосема заслужено ја однесе победата бидејќи таа вечер беше подобар од мене. Борбата две рунди се одвиваше како што јас планирав и подготвував, но еден удар во половина ме остави без воздух и го поремети мојот ритам. Од секој пораз се учи затоа учеството пред своја публика е големо искуство за мене – додаде Кајмакоски.

За Кајмакоски спорт број еден во Македонија е ракометот. Тој потекнува од Струга, а од таму доаѓаат поголем дел од ракометарите кои ја сочинуваат македонската репрезентација.

– Без никави дилеми ракометот е спорт број еден во нашата држава. Сите со нетрпение ги очекуваат натпреварите на Македонија на Вардар и Металург во Лигата на Шампиони, а оваа година за поздравување беше и меѓународниот турнир во Струга на кој му се врати стариот сјај. Исто така за одбележување е организацијата на Македонија на „Final Fight Championship“ бидејќи се работи за натпреварување од Светски рамки – заврши Кајмакоски.

Тој во професионалните кик боксерски води се има натпреварувано шест пати во кои има забележано четири победи и два порази.

Мх.П.