Водниот  превоз  од  мал обем  со  кајчиња не  е  соодветно законски регулиран, поради што кајчарите се соочуваат со сериозни проблеми, е заклучено по  координацијата на пратениците Александар Николоски и Сашо Василевски со граѓаните,  локалната самоуправа, Министерството за економија и Пазарниот инспекторат. Со цел да се надмине оваа состојба, а и да се задржи и унапреди оваа туристичка понуда пратениците Николоски и Василевски изработија измени на Законот за туристичка дејност кој Собранието на Република Македонија ги усвои по скратена постапка со цел уште оваа летна сезона да им се излезе во пресрет на превозниците.

Целта  на  предложените  измени е  во законот да  се  предвиди  можност да се регулира давањето на  услужна  дејност  поврзана со  водниот  превоз што се  реализира со пловен објект со јачина на мотор до 20 коњски сили и вклучува превоз на максимум 12 лица. Согласно законските измени оваа дејност ќе можат да ја вршат и фиизички лица без да треба да имаат регистрирано посебна фирма. Потребно е само да се пријават во соодветната Општина и во Управата за јавни приходи како би добиле лиценца за воден превоз од мал обем како физички лица.

Претходно охридските кајчари стапија во штрајк незадоволни што од нив се бара да имаат регистрирано фирма за да вршат превоз со кајче. Некои од нив од страна на пазарната инспекција заработија и казни во висина од 500 евра.

 OhridNews