Федерацијата за Кајак – Кану на мирни води на Република Македонија викендов во Охрид ја одржа седмата редовна седница на Собранието. На неа присуствуваа само четири од седумте клуба и тоа Струга – Струга, Рибар – Трпејца , Пештани – Пештани и Ј.Дракалски – Берово.
Делегатите на федерацијата која под ова име е регистирана од 30.03.2007 година, го усвоија финансискиот извештај за работата на федерацијата во 2007 година, како и планот и програмата за работа за 2008 година.
И покрај тоа што уредно беа поканети “одметнатите“ три клуба (Дрим- Струга, Стрмец -Охрид, Радика – Дебар ) не присуствуваа на собранието што само ја продлабочува кризата во овај спорт.
На поканата не се одзваа ниту претставници на Агенцијата за Млади и Спорт.
Во изминатата година и покрај абнормалните услови за работа како и игнорантсктиот однос на Агенцијата за млади и спорт која не покажа никаков слух за надминување на проблемите во Федерацијата беа одржани државните првенства во сите категории како и купот на Македонија, велат од оваа спортска асоцијација.
На клупско ниво кајакарите учествуваа на Меѓународните регати во Сен Лорен- Франција, Оршова-Романија, Анкаран-Словенија. Кајакарската репрезентација на Македонија учествуваше на Светското Првенство за Јуниори во Рачиче-Чешка, како и на Балканското првенство за Јуниори во Есхишекир-Турција каде освоија едно трето место во К1 на 500 м Јуниорки.
Наредната 2008 година е Олимписка година, но шансата да видиме некој наш кајакар во Пекинг е пропуштена, велат од федерацијата.
– При посетата во 2005 година на претседателот на светската кајак кану федерација (ИЦФ) Улриф Фелдохов ни беше ветена една вајлд карта за учество на ОИ 2008 – ни изјави генералниот секретар на ФККМВРМ Љупчо Пинотски. Но, поделеноста и сите случувања во и околу федерацијата “придонесоа“ да ја загубиме подршката. Ќе мора да ја чекаме наредната Олимпијада, но како сме тргнале . . . завршува Пинтоски .