Со кајак кану регатата која во недела ќе се одржи во водите на Охридското Езеро ќе биде спуштена завесата на месецот на водените спортови во Охрид. 


На регатата која ќе биде од меѓународен карактер ќе се натпреваруваат околу 80 натпреварувачи од клубови од нашето опкружување.  ККК Ранца од Птуј, Словенија, ККК Земун и Наутички клуб од Београд, Србија, ККК Џеброс и ККК Ванто од Бугарија, македонските ККК Радика од Дебар, ККК Црн Дрим од Струга и домаќинот ККК Стрмец од Охрид ќе се тркаат во дисциплините К1 и К2 на 500, како ц1 и ц2 на 500 метри.

 –    Во чест на погинатите 15 бугарски туристи на 5 септември минатата година во бродската несреќа, македонските и бугарските кајакари со своите кајаци, ќе одвеслаат до местото на несреќата, автокампот Елешец и симболично во водата ќе положат цвеќе  –  вели Раде Попоски од ККК Стрмец.

Охридскиот кајак кану клуб Стрмец е организатор на регатата, која ќе се одвива под покровителство на  Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.

Стартот на натпреварите ќе биде во недела во 8.30 минути на охридското крајбрежје.

М.П.