Деновиве распишан е меѓународен конкурс за изработка на идеен проект за изградба на Центар на водени спортови во Охрид, кој, според презентираните информации ќе биде лоциран на просторт кај Студенчишко блато, кое е опфатено со измените на Генералниот урбанистички план за град Охрид 2014 – 2024, кој е во фаза на донесување. Огласот е објавен на специјалзирана меѓународна веб страница за размена на проекти од областа на архитектура „Арх Медиа“, како и на специјализирани портали за архитектура во земјава.
Конкурсот е отворен за студенти и млади архитекти, а за најдобрите идејни решенија предвидени се и награди од 2500, 1000 и 500 евра за помлади архитекти и награда од 2000 евра за млади архитекти, како и 10 почесни признанија и дополнително објавување на проектите во македонски и светски магазини и блогови, како и официјална изложба.
Според дадените услови, предвидено е Центарот за спортови на вода да се протега на површина од 3000 м2 и треба да содржи делови за одлагање кану, едрилици, кајак, спортски реквизити, базени, администрација, кафетерија и подготвителни простории.
Инаку, неодамна беше презентирана стратегиската оцена за влијание на животната средина за измените на Генералниот урбанистички план на Охрид 2014 – 2024, што ја изготви Градежниот институт „Македонија“ од Скопје. Во неа се потенцира дека евентуалната урбанизација на Студенчишкото блато негативно ќе се одрази врз живиот свет, но и врз севкупниот еко систем на Охридското Езеро. Се посочува дека вредноста на Студенчишко блато е во неговата природна состојба и дека тоа треба да се заштити и да остане како што е, односно да не се извршат измени во намената на ова земјиште и да остане строго заштитена зона.
Согласно закон при донесувањето на Генералниот урбанистички план на Охрид 2014 – 2024, свое мислење треба да дадат Министерството за животна средина и просторно планирање и Министерството за транспорт и врски.
OhridNews