Напоредно со реконструкцијата на наколната населба од бронзеното време оваа есен ќе започнат и истражувањата на ридот над подводниот археолошки локалитет кај Градиште каде има остатоци од тврдина од римскиот период, изјави за ohridnews Паско Кузман, директор на Управата за заштита на културното наследство.
Таа според најавите ќе биде целосно реставрирана со што просторот кај Градиште ќе стане и атрактивна туристичка дестинација. „Целта е да се поврзе римското со праисториското време. Тврдината и наколната населба ќе бидат поврзани со патека така да посетителите ќе можат да патуваат од римско време во праисторијата и да комуницираат со тие времиња“, вели Кузман.
Тој информираше дека до крајот на наредната година на локалитетот Градиште во заливот на коските во Охрид ќе биде реконструирана наколната населба од бронзеното време. Таа ќе биде реконструирана автентично на остатоците од праисториската населба во подводниот археолошки локалитет „Мичов град“. Преку тендер веќе се набавени 600 метри кубни дабова дрвена граѓа, од околината на Кичево, која по сушењето во посебни услови ќе биде испратена на импрегнација во странство со што ќе се овозможи поголема издржливост на дрвото кое ќе биде поставувано во вода.
Покрај екстериерот ќе се реконструира и ентериерот, а во дрвените куќички што ќе бидат изградени над вода ќе бидат изложени сите предмети пронајдени за време на осум годишните археолошки истражувања на подводниот локалитет, така што посетителите ќе можат многу реално да го почувствуваат бронзеното време.
Горан Момироски