Македонија навреме ќе ги заврши сите преземени обврски околу организацијата и одржувањето на безбедносниот форум на НАТО штои на 28 и 29 јуни ќе се одржи воп Охрид, истакнува координаторот на организирањето на форумот министерот без ресор Аднан Ќахил.
До крајот на овој месец ќе биде завршена конференциската сала во хотелот „Инекс Горица“, а потоа следи нејзиното опремување. Во салата е предвидена тркалезна маса за 60 министри на пленарната седница, а потоа салата ќе биде преуредена со можност да прими 300 учесници на форумот. Форумот ќе работи и во три секции – ворк-шопови, потоа предвидени се брифинзи и заклучоци од самитот. Во наредните две недели од Брисел ќе бидат испратени поканите за учесниците на безбедносниот форум во Охрид, а свои покани потоа ќе упатат и премиерот на Македонија и министерот за надворешни работи. Ова е досега најголем и најзначаен собир, истакнува во изјава за МИА Ќахил и додава дека за првпат ќе се разговара покрај за безбедносните и за економските прашања и за енергетиката.
Во врска со најавените 5.000 полицајци кои ќе ги обезбедуваат учесниците на форумот, Ќахил истакнува дека ќе бидат ангажирани толку полицајци колку што е предвидено според стандардите за одржувањето на ваков значаен собир.
Државата во организацијата и одржувањето на форумот во Охрид ќе потроши два милиона денари. Шведска за организација на истиот ваков собир потроши двојно повеќе, а за самитот во Рига беа потрошени 12 милиони евра.
Според Ќахил, предвидено е да се вложат 500.000 евра во осветлувањето на патот од Охрид до хотелот „Инекс Горица“, потоа негово партерно уредување, како и отворање ВИП-салон на Охридскиот аеродром.
Тој напомена дека се очекува и локалната самоуправа од Охрид навреме да ги заврши преземените обврски градот да се претстави, како што рече, во што поубаво светло. – Ова не е само најголем собир во нашата држава, туку е и најголема можна презентација на Охрид и Македонија во светот, што налага сите преземени обврски и на централно и на локално ниво да бидат завршени навреме.
Се очекува инспекторите од Брисел да дојдат во Охрид кон крајот на овој месец и веќе во наредниот период да бидат постојано присутни се до завршувањето на сите обврски околу одржувањето на форумот.