Тоа беше коментарот кај повеќето. Моето друштво позитивно гледаше на тоа. Вака ќе можат да се кандисат да одат во кафана и оние на кои им смета чадот од цигарите. Ќе можат и родители со мали деца да одат на сок , кафе….. До сега претежно одеа само една категорија на граѓани за да избегаат од дома или со одредена шема да го исполнат времето и тоа претежно во доцните вечерни или поточно во раните утрински часови. Во пристојното време кафаните се скоро празни.Ваков беше коментарот на моето друштво бидејќи сите сме непушачи.
Сигурно имаше и такви кои пцуеа и на кои им прекисна и чорбата и ракијата што не можеа да запалат цигара на маса. И покрај тоа кафаната „Европоа“ беше преполна. Никој не видов да си отиде. Буквално немаше слободно место.
Кафанџиите протестираат, а пратениците се на потег да го изменат, или поточно ублажат неодамна донесениот закон за непушење. За штетноста на пушењето немам намера да пишувам покрај толку силната кампања. Гледано од аспект на поранешен страствен пушач можам само да речам КАКО ВООПШТО СУМ МОЖЕЛА ДА УЖИВАМ ВО ТОА ЃУБРЕ. За кафанџиите не треба да се секираме. Јасно дека секој ден не е Водици, но можеби ќе почнат да одат и други НОВИ на кои досега им сметаа цигарите. А можеби ќе има и такви кои конечно ќе се откажат од пушењето. НЕЛИ ТОА Е И ЦЕЛТА?
Да се молиме и да работиме за да имаме здрава нација и благосостојба со која посетеноста во кафаните како за Водици ќе биде секојдневие.
Ваша постојана читателка.