Во планините на северен Тајланд, стадо од 20 слонови помага да се направи едно од најскапите кафиња на светот. Новиот егзотичен пијалок се прави од посебни зрна кафе кои слоновите ги јадат, а еден ден подоцна се пребираат по нивниот измет. Ова не е само еден од најнеобичните системи за правење кафе, туку е и едно од најскапите кафиња на светот, бидејќи еден килограм чини 1100 долари. Засега, само богатите имаа можност да пробаат од ова кафе правено на единствен начин.
Почнало да се служи минатиот месец, но само во неколку луксузни хотели во оддалечени краеви на светот, односно во северниот дел на Тајланд, потоа на Малдивите, а сега се служи и во Абу Даби по цена од 50 долари за едно кафе. Група новинари отпатувале на местото каде што се прави кафето, познато како Златен триаголник да ги видат слоновите на дело и да го пробаат кафето кое се служи во посебни шолји. Блејк Динкин, кој потрошил 300 илјади долари за да го развие производството на овој вид кафе, рекол дека кога слонот го јаде кафето неговиот стомак го разложува протеинот кој се наоѓа во кафето, што бил клучен фактор во горчината. Тој објаснил дека на слонот му се потребни 15 до 30 часа да го свари зрното кафе, кое се меша со банани, шекерна трска и други состојки во посебна исхрана за слоновите, како би се произвел единствениот сочен овошен вкус. Така краниот производ бил шолја кафе која ја нема горчината која ја има обичното кафе.