“ Каен- љубов на прв поглед”, е насловот на изложбата на фотографии која ќе биде прикажана во рамки на годинешното, свечено отварање на Фестивалот на француски филм во Охрид. Станува збор за повеќе од 40 фотографии со мотиви од прекрасниот дел на Франција- Долна Нормандија, кои Зоран Велјаноски- Летра ги изработил при неговиот престој во октомври. “
Мината година престојував во Франција и за прв пат ја посетив Долна Нормандија. Имав многу слушано за овој дел од Франција и сакав лично да се уверам во неговите природни убавини и знаменитости. Со себе ја носев опремата, фотоапаратот, и имав можност да го документирам градот Каен од мој агол, како што јас го доживеав, со сета радост, болка, историја која ја носи градот Каен” , вели авторот на фотографиите, Летра.
“ Тоа е прекрасен град, кој по втората светска војна над 80% бил разрушен, за потоа да изникне и се обнови како Феникс од пепелта. Ослободувањето на Европа започнало токму од таму и тие цркви, манастири и музеи во голема мера се заштитени. Ме фасцинираа луѓето и нивното гостопримство и тоа и го пренесов на моите фотографии” , раскажува Летра. Каен важи за главен град на Долна Нормандија и има над 200. 000 жители.
Изложбата “ Каен- љубов на прв поглед” на 26 јуни, во Охрид, ќе ја отвори потпретседателот на регионот Долна Нормандија, а во присуство на францускиот амбасадор во Македонија, Министерката за култура, Елизабета Канческа- Милеска и градоначалникот Александар Петрески.
Тања Кувенџиска
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com