Скромниот работник со уметничка душа кој долги години го обликуваше градското зеленило во Охрид, а чии креации ги топлеа очите и ја галеа душата, Кадри Селман, заминува во пензија.
Селман од јавното зеленило во градот правеше вистинска бајка.
После 38 години работен стаж во ЈП „Охридски Комуналец“ Охрид, дисциплинирано, принципиелно и многу позитивно, нашиот колега Селман Кадри заминува во пензија. Веруваме дека и понатака ќе зрачиш со својата енергија разубавувајќи го нашиот град со твоите прекрасни, уметнички ремек дела исткаени од најобични грмушки и зеленило па до најубави фигури кои ги фасцинираат граѓаните и посетителите на нашиот град, велат од ЈП „Охридски Комуналец“.
Како вработен во претпријатието, Кадри, секој ден го дотеруваше и обликуваше зелениот појас на градскиот плоштад и кејот на начин на кој можат да ни позавидат многу побогати и многу попознати туристички дестинации во Европа.
Во 2020 година, по повод Денот на ослободувањето на Охрид, 7-ми ноември, а на предлог на група граѓани, тој доби и посебна награда за посветено и професионално работење во одржувањето и уредувањето на градските паркови и зеленило.
OhridNews