Кадетската кошаркарска репрезентација на Македонија, со три победи е еден пораз избори пласман во четвртфиналето на Европското првенство (Б дивизија), кое се одржува во Букурешт.

По трите стартни победи (Словачка, Данска, Бугарија), избраниците на селекторот Игор Михајловски, во последното коло од Б групата го забележаа првиот пораз. Белгија ги победи македонските кадети со 59:49.

Македонија настапите на шампионатот ќе ги продолжи во новоформираната четвртфинална група Е.

Противници преку кои ќе се обидат да стигнат до полуфиналето на младите кошаркари ќе им бидат селекциите на Шведска и Израел. Дуелите со овие две репрезентации се закажано за во среда, односно четврток.

Пласман во полуфиналето ќе изборат најдобро пласираните репрезентации од двете групи. Во Ф групата партиципираат Црна Гора, Португалија, Унгарија и Босна и Херцеговина.

Освојувачите на медали, односно првопласираните три екипи на првенството, ќе обезбедат место во А дивизијата за наредната година