Охридската полиција во соработка со единицата за брза интервенција на МВР деновиве спроведе голема акција во која на дело се фатени седуммина рибокрадци. Групата од која била запленета поголема количина разни видови риба, покрај риболовниот алат поседувала и оружје и софистицирана опрема за ноќно набљудување. Тоа според СВР Охрид говори дека таа била добро организарана. Од неа биле одземени вкупно 200 мрежи, 19 пенти и друг риболовен алат.

И покрај несомнено успешната акција, останува отворено прашањето дали со приведувањето на оваа група е прекинат синџирот на нелегална трговија со риба на Охридското Езеро? Дали толку многу опрема користеле само седуммина рибокрадци и пред се каде завршувала пастрмката? Не е тајна дека во некои угостителски објекти на ривиерата сеуште може да се вкуси пастрмка и белвица и покрај тоа што не смее да ја има на менито. Но, таа не смее ниту да се лови, а сепак завршува во мрежите на рибокрадците. Полицијата редовно запленува рибарски мрежи, но постојано во езерото се фрлаат нови. Дали тоа значи дека нелегалниот бизнис е толку вносен што рибокрадците се подготвени да жртвуваат стотици, илјадници мрежи колку што полицијата запленува  годишно? Овие прашања  отвараат уште  дилеми од тоа дали некој ги штити рибокрадците, дали и како тие знаат кога е безбедно да се влезе во езерото и пред се кој ја купува пастрмката? Добро е што полицијата на дело успеа да фати група рибокрадци, тоа веројатно барем малку ќе ги обесхрабри останатите. Но, акцијата нема да има ефект доколку борбата против овој вид криминал застане тука. Сигурно успехот ќе биде поголем доколку се посочат и другите одговорни за уништувањето на загрозените ендемски видови риба, а пријавите завршат со судска пресуда. Се друго ќе биде недоволно. И конечно некој треба да понесе одговорност за состојбата со рибниот фонд во Охридското Езеро, бидејќи тоа со години е без концесионер и стратегија за стопанисување. Со тоа стотици семејства кои живееа од рибарство  останаа без егзистенција, а поединци дебело профитираа и станаа крупни ѕверки кои вешто ги избегнуваат мрежите во кои засега се фаќаат само ситните риби.

Ohridnews