Во Македонија постои нелегален пазар на отпадно масло за јадење, кое наместо соодветно да се одлага се продава на производители на храна од животинско потекло, тврдат овластени оператори со ваков отпад. Тие укажуваат дека маслото за јадење откако термички ќе се употреби станува канцерогено и не смее на никој начин да се користи за одледување на стока и живина бидејќи штетните материи остануваат во месото кое понатаму го конзумираат луѓето.

– Отпадните масла од рестораните, за жал, најмногу во Македонија се користат за храна за кокошки и стока. Го замешуваат во концентратот за храна. Слушнале господата дека се ставаат масла, да се става но соино масло кое е наменето за таква исхрана.– вели Горан Костиќ – сопственик на компанија за собирање отпадно масло за јадење.

Во Македонија има две овластени компании кои го собираат отпадното масло за јадење, кое понатаму се преработува и се користи за производство на био гориво. Костиќ вели дека угостителските објекти добиваат специјални садови за одлагање на искористеното масло за јадење, но иако најголем дел од нив совесно се однесуваат, има исклучоци, меѓу кои и големи фирми, кои не го пријавуваат целиот отпад и го продаваат искористеното масло на црно, што е случај и во Охрид. За да се спречи ваквата злоупотреба операторите со отпадно масло предлагаат во угостителските објекти да се постават соодветни известувања.

-Да лепиме налепници дека ресторанот редовно го одлага отпадното масло и дека ние како фирма гарантираме за тој ресторан дека работи по сите стандарди. – рече Костиќ.

Отпадното масло произведено во Македонија се извезува затоа што во земјава се уште нема компании со развиена технологија за негова преработка во производ кој ќе има нова употребна вредност, посочува Костиќ. Според него потребно е да се работи на подигање на свеста кај населението уште од најмали нозе, но и кај стопанствениците за опасностите од неправилно третирање на отпадот, како и за можностите од негово искористување.

Г.М.