Изминува месец декември, а на вработените во основните и средни училишта во Охрид се уште не им е исплатена ноемвриската плата.

По доцнењето на платата за октомври, како што тогаш беше кажано од локалната самоуправа, поради настанато недоразбирање со Министерството за образование предизвикано од различно толкување на законските прописи од оваа област, таа беше исплатена на крајот од ноември. Надлежните тогаш информираа дека недоразбирањето е надминато и согласно тоа вработените во просветата очекуваа ноемвриската плата да ја добијат навреме.

  • Секој ден сме во очекување, но исплатата никако да се изврши. Принудени сме со заем да го минуваме месецот, каматите на земени кредити си растат поради ненавремено подмирување на обврските и тоа не по наша вина, ЕВН и останатите компании воопшто не ги интересира дали ние сме зеле плата или не, бараат навреме да се плаќаат сметките. Бараме под итно да се види каде е проблемот и да ни се исплатат платите, велат вработени во училиштата.

Од локалната самоуправа тврдат дека пресметките за ноемвриските плати навреме биле доставени од страна на училиштата и испратени до министерството за образование.

  • Немаме информација дали има некаков проблем, а не би требало да има затоа што ние истата пресметка, корегирана, како што ја пративме за октомври ја пративме и за ноември. Во министерството за образование не би требало да има никаков проблем и треба да се испратени до министерството за финансии кое треба да ги одобри парите. Сега, дали од министерството за финансии се обработени и одобрени или не, не знаеме. Ние имаме автентично соопштение како да ги пресметуваме платите. Како што ни рекоа, така ги направивме пресметките и за ноември, велат од локалната самоуправа.

Од министерствата за образование и финансии ветија дека бараната информација: каде „заглавила“ ноемвриската плата и кога ќе биде исплатена, ќе ја испратат по писмен пат.

Неофицијално, според министерството за финансии, доколу пресметките за плати се пратени, тие би биле исплатени, затоа што сите исплати се сервисираат на дневна основа, онака како што доспеваат.

Т.К.